25 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАИнфлацијата во Турција падна за прв пат по повеќе од една година

Инфлацијата во Турција падна за прв пат по повеќе од една година

Годишната инфлација во Турција е благо намалена во ноември за првпат по постојаниот раст нешто повеќе од една година, објави Турскиот статистички институт.

Потрошувачките цени за годинава се зголемени за 84,39 отсто во ноември наспроти растот од 85,51 отсто во октомври. Месечната стапка на инфлација во ноември изнесува 2,88 отсто, наспроти 3,51 отсто во претходниот месец.

Ова е првпат годишната инфлација да се намали од мај 2021 година.

Додека пандемијата и руската инвазија на Украина ја поттикнаа инфлацијата ширум светот, економистите веруваат дека инфлацијата во Турција е поттикната од верувањето на претседателот Реџеп Таип Ердоган дека зголемувањето на каматните стапки предизвикува инфлација.

Традиционалното економско размислување вели дека зголемувањето на каматните стапки помага да се држи инфлацијата под контрола.

Ердоган побара до крајот на годината каматната стапка да биде едноцифрена. На 24 ноември турската централна банка одлучи да ја намали каматната стапка на 9 отсто, по серијата слични големи намалувања и покрај високата инфлација.

Ердоган рече дека неговиот модел, кој има приоритет на растот, инвестициите, вработувањето и извозот, се очекува да даде резултати во новата година.

Најголем годишен раст на цените е забележан во транспортниот сектор од 107 отсто, а потоа следуваат цените на храната и безалкохолните пијалоци од 102,55 отсто.

Некои експерти ги доведуваат во прашање бројките на државните институции, а Истражувачката група за инфлација, која ја сочинуваат независни економисти, денеска објави дека реалната стапка на инфлација во Турција за ноември изнесува 170,7 отсто.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП