2 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАТурски компании заинтересирани за инвестирање во Македонија

Турски компании заинтересирани за инвестирање во Македонија

turcii

Можностите за вложување во Македонија се привлечни за странските инвеститори, оценуваат бизнисмените од Стопанската комора на Бергама, развиен индустриски и земјоделски регион во Турција.

Претставници на 23 турски компании од секторите градежништво, фармација, живинарство, угостителство, производство на маслиново масло и трговија на големо денеска на бизнис форум во Скопје со македонски стопанственици од Сојузот на стопански комори ги анализираа можностите за соработка и потенцијалите за инвестирање.

Според Фикрет Урер, претседател на Стопанската комора на Бергама, веќе се надминуваат последиците од кризата кои ги стопираа или забавија инвестиците. По стабилизрање на состојбите фирмите од Турција повторно ќе имаат можност да инвестираат, но, укажува, тоа ќе зависи од нивните внатрешни стратегии.

„Македонските можности за инвестирање за странските инвеститори се многу привлечни. Не станува збор само за инвестирање, туку потребен е и соодветен пазар за инвестицијата што ќе се направи. Ако бизнисмените увидат дека нема никаков проблем со пазарот, тогаш нема никаква причина да не се инвестира тука“, изјави Урер.

Тој посочи дека македонската бизнис клима споредено со состојбите од пред 10 години кога бил во посета на Македонија е подобрена. Со Македонија сме поврзани историски, имаме многу заеднички врски, слична култура и затоа верувам дека ќе биде полесно да се соработува со Македонија отколку со друга држава, наведе Урер.

Митко Алексов, извршен директор на ССК, оцени дека има потенцијали за соработка во повеќе области, туризмот, земјоделскиот сектор, производството на преработки на храна, градежниот сектор во делот на изградба на патишта, но исто така и нискоградба и високоградба, во сточарството со размена на искуства пред се во живинарството, но исто така и во делот на фармацијата и козметиката.

Алексов нагласи дека е неопходно да се работи на намалување на трговскиот дефицит на македонска страна и да се искористат потенцијалите за соработка што постојат во повеќе сектори.

Трговската размена меѓу Македонија и Турција изнесува околу 400 милиони долари, при што македонскиот извоз на турскиот пазар изнесува 80 милиони долари, а увозот на турски производи 320 милиони долари.

Според Алексов, односот помеѓу увозот и извозот на Македонија и Турција мора да биде поизбалансиран и на тој начин да се воспостават подобри и поцврсти деловни односи помеѓу компаниите од двете држави.

„Сојузот на стопански комори смета дека тоа мора да го промениме и затоа инсистираме на средби со турски бизнисмени, како денешната со Стопанската комора на Бергама, развиен индустриски и земјоделски регион, со кој сметаме дека може да се остварат конкретни директни соработки не само за македонските компании, туку и за турските“, изјави Алексов.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП