Претседателот на Украина, Володимир Зеленски, доцна синоќа на „Телеграм“ напиша дека руските сили „планираат нешто на југ“.
„И покрај екстремно големите руски загуби, окупаторите се уште се обидуваат да напредуваат во регионот на Доњецк, да се зацврстат во Луганск, да се преселат во Харков, тие планираат нешто на југ“, рече тој, пренесе „Гардијан“.
„Но, ние се држиме и – што е најважно – не му дозволуваме на непријателот да ги исполни своите намери“, додаде тој.
Нови напади во регионот на Запорожје
Олександр Старук, шеф на регионалната воена управа на регионот Запорожје, рано утринава на „Телеграм“ изјави дека руските напади во текот на ноќта во областа погодиле локација за дистрибуција на гас, предизвикувајќи пожар кој во меѓувреме е изгаснат. Нема повредени или жртви, пренесува „Гардијан“.
Старух изјави дека оштетувањето на локацијата е резултат на ракетен напад, „веројатно С-300“.
„Три улици останаа без гас, но за среќа луѓето не беа повредени“, додаде тој.
Фокус на Крим, борби во Доњецк
По повлекувањето на Русија од Херсон, фокусот повторно падна на полуостровот Крим, анектиран од Русија во 2014 година. Украинскиот министер за одбрана Володимир Гаврилов неодамна изјави за Sky News дека е „можно“ нивните војници да го вратат Крим до крајот на декември и дека сеопфатната војна со Русија би можела да биде завршена до пролет.
Сепак, не може да се игнорира дека украинските сигнали за таа кампања би можеле да бидат лажни, како кога Киев рече дека ќе започне јужна контраофанзива само за да го нападне Харков на север.
Борбите во моментов се водат во источниот регион на Доњецк, кој заедно со Луганск го сочинуваат Донбас и е еден од воените приоритети на Русија истакнати во април. „Њујорк тајмс“ неодамна објави дека битката за градот Бахмут во Доњецк е најжестоката битка од почетокот на војната во Украина и дека украинската страна има и до 250 ранети дневно, без да даде проценка за мртви.
„Амбулантни возила, оклопни транспортери и автомобили кои врескаат ги носат ранетите. Тие само се менуваат“, пишува весникот.