20 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАЕУ има огромен проблем! Сѐ повеќе големи компании сакаат да дојдат во...

ЕУ има огромен проблем! Сѐ повеќе големи компании сакаат да дојдат во САД

Шведскиот производител на батерии за електрични возила „Northvolt“ се подготвуваше да изгради фабрика за литиум-јонски батерии во Германија. Планот е под лупа откако САД понудија дарежливи субвенции за производителите на зелена технологија.

„Northvolt“ би можел да добие до 800 милиони евра (836 милиони долари) владина поддршка за изградба на фабриката според законот за намалување на инфлацијата, ја објасни дилемата извршниот директор Питер Карлсон.

Ова е околу четири пати повеќе од она што го нуди германската влада, рече шефот на шведската компанија, а има и пониски цени на енергијата во САД. Затоа компанијата би можела да го одложи планот за изградба на фабрика во Хајде во северна Германија.

„Сега би можеле да дадеме предност во проширувањето на САД, а не на Европа“, рече Карлсон.

Во оваа насока размислуваат и други деловни лидери, со бројни индикации дека Германија полека ги губи инвестициите во зелената технологија поради американскиот закон за намалување на инфлацијата од 430 милијарди долари. Законот предвидува даночни олеснувања за инвестиции во зелена технологија и стимулации за граѓаните кои ќе одлучат да купат електрично возило или друг зелен производ произведен во Северна Америка.

Мамка за автомобилски компании

Американските стимулации за домашно производство најмногу ги погодија германските производители на автомобили и добавувачи на делови, за кои САД се главен извозен пазар. Октомвриско истражување на Здружението на германските комори за индустрија и трговија (DIHK) покажа дека 39 отсто од компаниите сакаат да ги зголемат инвестициите во САД, во споредба со 32 отсто кои планираат да инвестираат повеќе во Европа.

Американско-германските стопански комори забележаа зголемени германски инвестиции во САД, особено во автомобилскиот сектор, изјави за „Reuters“ шефот на трговијата на „DIHK“, Фолкер Трејер.

„Ако не преземеме ништо, многу од нив ќе завршат во САД“, рече главниот извршен директор на „Siemens Energy“, Кристијан Бруч.

Германскиот министер за економија Роберт Хабек смета дека проблемот лежи во регулативите на Европската унија кои ја ограничуваат конкуренцијата.

Проблемот е во ЕУ?

Можните решенија вклучуваат „побрзо одлучување (за проекти) и субвенции… и други форми на поддршка за компаниите“, сугерира германскиот министер во интервју за „Handelsblatt“. Европа има и дарежливи субвенции за инвестиции во зелена технологија, но проблем е нивната навремена мобилизација и добивањето на потребните дозволи од локалните и државните власти, смета Хабек.

Германската „CMBlu Energy“ разви батерии за зелена енергија за кои не се потребни посебни минерали, а токму поради овие проблеми одлучи да ја изгради својата прва фабрика во САД, изјави извршниот директор Петер Гејгл за германскиот весник „Frankfurter Allgemeine Zeitung“.

„Регулативите за државна помош на ЕУ се застарени и бирократски и промовираат региони наместо зачувување и трансформација на цели индустриски локации“, истакна во понеделникот главниот оперативен директор на брендот „Volkswagen“, Томас Шефер.

Новите стратешки инструменти, како што се проектите од заеднички европски интерес, се насочени кон „долгорочен развој на нови технологии, а не краткорочно интензивирање, зголемување на обемот на производството и негова индустријализација“, напиша Шефер на „LinkedIn“.

„На ЕУ итно и се потребни нови инструменти за да се спречи опасната деиндустријализација. Не смееме да губиме време“, заклучи Шефер.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП