30 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАЈанакиески: За околу два месеца се очекува да се заврши обновата на...

Јанакиески: За околу два месеца се очекува да се заврши обновата на патниот правец Тетово-Јажинце

milejanakieski1

– Министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески заедно со својот заменик Џелал Бајрами, директорот на Агенцијата за државни патишта Љупчо Георгиевски и градоначалниците на општините Јегуновце и Теарце, Тони Коцески и Исен Асани денеска беа кај селото Вратница каде во тек се градежните работи за обнова на магистралниот патен правец Тетово – граничен премин Јажинце.

Како што нагласи Јанакиески, станува збор за еден од најфреквентните патни правци и затоа Владата реши да определи средства за негова реконструкција.

– Согласно потпишаниот договор и динамичкиот план обновата треба да заврши во текот на ноември заради што од следната недела ќе биде ангажиран и поголем број потребни градежни машини и ќе се почне со обновата на патот и од страна на Тетово. Инвестицијата чини околу 2 милиони евра средства од буџетот и се надевам дека за нешто помалку од два месеца конечно ќе го задоволиме барањето на жителите на населените места покрај овој пат што бараат негова реконструкција подолго време, изјави министерот Јанакиески.

Во однос на таканаречени лежечки полицајци кои се наоѓаат на патот од излезот на Тетово до селото Непроштено, Јанакиески рече дека сите оние што не се поставени според законските прописи и го оневозможуваат брзиот проток на возила по завршувањето на обновата ќе бидат отстранети.

Тој најави дека следната 2014 година ќе биде година на големи инфраструктурни зафати во Македонија.

– Од големите инфраструктурни проекти веќе се одобрени средства и во финална фаза е доставување закон за патните правци Миладиновци-Штип и Кичево-Охрид. Тоа се големи патни инфраструктурни проекти што се дел од нашата програма и очекувам многу скоро да почне изградбата на овие важни патни делници. Во финална фаза е изборот на градежна компанија за изградба на првата делница од коридорот 8, во текот на октомври ќе ги добиеме понудите и очекувам дека до крајот на годината ќе склучиме договор и со избраната градежна компанија за изградба на делницата од Куманово до Бељаковце. Како што кажа премиерот вчера очекуваме понуда од Стројтрамгас како потврдена компанија од Руската федерација за реализација на клириншкиот долг од 60 милиони долари, појасни Јанакиески.

Директорот на агенцијата за државни патишта Љупчо Герогиевски информира дека треба да се обноват вкупно 16 километри од патот Тетово-Јажинце и досега се завршени целосно околу 4 километри, но со зголемувањето на градежната оператива и истовремени активности од двата правци работите треба да бидат готови некаде во ноември.

Одговарајќи на новинарско прашање околу обновата на стариот пат Тетово-Гостивар каде работите се стигнати до половина, Георгиевски појасни дека за оваа година целосно се искористени средствата за тој правец и оти тој од Боговиње до Гостивар ќе биде обновен во текот на следната година.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП