„Јавноста, сепак, мора да ги знае вистинските причини за привидот за наводен ‘хаос’ во сообраќајот, кој некој со намера го предизвикува, а таа намера денес ќе ја откриеме и разобличиме. Ќе се обидам системот на функционирање да го објаснам во најсимплифицирана форма“, рече денеска на прес-конференција градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска.
Таа посочи дека „ЈСП Скопје склучува договори со приватните превозници, во случајот ‘Макекспрес’ и ‘Слобода превоз’ врз основа на кој ЈСП има обврска на приватните превозници да им исплаќа по едно евро а сега по зголемување на дериватите по 1,5 евра по извозен километар. Оваа обврска месечно чини околу 24 милиони денари, но од оваа сума треба да се одбие сумата која приватните превозници ја оствариле од продажба на билети за возење“.

