20 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАНаместо да загадува со мазут „СКОПЈЕ СЕВЕР“ да произведува топлина со гас

Наместо да загадува со мазут „СКОПЈЕ СЕВЕР“ да произведува топлина со гас

Комбинирано со гас, и како што велат оттаму, со цел да се провери функционирањето на алтернативното гориво, топланата „Скопје Север“ изминатиов период употребува и мазут за да произведува топлинска енергија за корисниците во главниот град. Сето ова се случува во време кога цената на природниот гас е значително намалена, што ги поништува тезите во јавноста дека ова алтернативно гориво е поисплатливо.

Од друга страна, министерот за економија Крешник Бектеши истакна дека целта на владата е топланите „Исток“ и „Запад“ да работат да природен гас со цел да се заштити животната средина во Скопје. Исто така, тој рече дека гас очекува да користи и топланата „Скопје Север“.

– Ако имаме непречено снабдување со природен гас, тие до крајот на сезоната ќе работат на природен гас. Во делот на „Скопје-Север“, таму имаме приватна компанија, која е сопственик на топланата. Тоа е Топлификација А.Д. и ние сме им понудиле, како што направивме со Адора и претходно со БЕГ, две решенија – и договор за закуп и ние преку ЕСМ да ја преземеме одговорноста во делот на работата, посебно во кризна состојба – истакна Бектеши.

Топланата „Скопје Север“ како дел од нејзината интегрирана еколошка дозвола може да користи мазут како алтернативно гориво, но само под одредени услови и во краток временски период. Дали тоа навистина се почитува, се сомневаат и дел од еколошките активисти.

– Нема информации од Град Скопје дека нешто од ова е направено. Го повикуваме Инспекторат на град Скопје да извршат инспекција и извршат мерења на емисиите во воздух, а Државен Пазарен Инспекторат со државната мобилна лабораторија за испитување на квалитетот на течните горива да го провери квалитетот на мазутот. Потребно е да се направат сите можни чекори за да се избегне користење на мазутот, едно од најнечистите горива кое во комбинација со лоши процеси на согорување е еден од најопасните извори на аерозагадувањето – објавија од „О2 иницијатива“ на својата официјална Фејсбук-страница.

Во дозволата исто така е наведено дека во периодите кога ќе се користи мазут како погонско гориво, за тоа треба да се извести Надлежниот орган и да се доставува спецификација за квалитет и количина на горивото. Притоа, истото треба да биде во согласност со Правилникот за квалитет на течни горива (“Службен весник на Република Македонија’’ бр.81/09).

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП