16 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАСВЕТСАД го поздравија договорот меѓу Србија и Косово за регистарските таблички

САД го поздравија договорот меѓу Србија и Косово за регистарските таблички

Портпаролот на американскиот Стејт департмент Нед Прајс изјави дека САД го поздравуваат постигнатиот договор меѓу Косово и Србија во врска со регистарските таблички, што се „мерки за да се избегне понатамошна ескалација на тензиите“.

„Го поздравуваме договорот меѓу двете земји, кој целосно и итно ќе ги нормализира односите под покровителство на дијалогот на Европската унија. Го поддржуваме дијалогот со ЕУ како најдобар начин Србија и Косово да имаат европска иднина“, рече Прајс.

Тој додаде дека САД ја поздравуваат одлуката на двете страни да ги стават интересите на луѓето на прво место и да го подобрат квалитетот на секојдневниот живот.

„Двете страни вчера, под покровителство на ЕУ, направија огромен чекор кон консолидирање на мирот и стабилноста во регионот. САД ги поздравуваат конструктивните преговори и поттикнуваат понатамошен напредок“, рече Прајс.

Османи им се заблагодари на САД

Претседателката на Косово, Вјоса Османи, по постигнувањето на договорот се заблагодари на американскиот амбасадор во Косово Џефри Ховениер и на американската влада за активното учество во постигнувањето на договорот.

Сакам да му се заблагодарам на американскиот амбасадор Џефри Ховениер и на американската влада за нивното активно учество во постигнувањето договор во Брисел“, напиша Османи на Твитер.

Таа додаде дека е неопходна поддршката на САД за процесот на дијалог меѓу Косово и Србија.

Договорот беше постигнат во средата вечерта на средбата на главните преговарачи на Косово и Србија, Бесник Бислимиј и Петар Петковиќ во Брисел, со посредство на специјалниот претставник на Европската унија за дијалог, Мирослав Лајчак.

Лајчак им се заблагодари на Петковиќ и Бислими за постигнатиот договор за регистарските таблички.

„Им благодарам на Бислима Бесник и Петар Петковиќ за нивниот конструктивен ангажман денес. И голема благодарност до Стејт департментот и американската дипломатија за нивната непроценлива поддршка“, напиша тој на Твитер.

Бислими рече дека по договорот за регистарски таблички треба да продолжат дискусиите за предлогот на ЕУ.

„Треба да продолжиме со интензивни дискусии за предлогот на ЕУ, поддржан од Германија и Франција, за целосна нормализација на односите“, напиша тој на Твитер.

Шефот на делегацијата на Европската унија во Србија, Емануеле Џауфрет, најави дека договорот е многу добра вест и дека сега двете страни можат да се фокусираат на „нормализација на односите“.

„Многу добри вести од Брисел. Со помош на ЕУ беше постигнат договор да се избегне понатамошна ескалација. Сега дијалогот меѓу Белград и Приштина може да се фокусира на нормализација на односите“, напиша тој на Твитер.

Зголемување на тензиите

Речиси две години, спорот за регистарските таблички ги подгрева тензиите меѓу Србија и Косово, кое прогласи независност во 2008 година и е дом на српското малцинство на север, кое е поддржано од Белград, објави претходно Хина.

Стотици полицајци, судии, обвинители и други државни службеници од српското малцинство ги напуштија своите работни места претходно овој месец поради одлуката на косовскиот премиер Албин Курти да не ја одложи одлуката за задолжителните регистарски таблички.

Приштина одлучи локалните Срби конечно да ги заменат регистарските таблички издадени од општинските власти на косовските Срби, лојални на Белград, со државни косовски таблички.

Но, поради тензии и повици од западните партнери, Курти во раните утрински часови во вторникот преку објава на својот Твитер профил најави одложување на оваа одлука.

„Го прифаќам неговото барање (на американскиот амбасадор) за одложување од 48 часа… Среќен сум што ќе работам со САД и ЕУ за да се најде решение во следните два дена“, напиша тој.

Високиот претставник на ЕУ за надворешни работи Жозеп Борел во средата објави дека е постигнат договор меѓу Косово и Србија.

Главните преговарачи на Косово и Србија во Брисел постигнаа договор за мерките за избегнување на понатамошна ескалација, рече Борел.

Србија ќе престане да издава регистарски таблички со ознаки на косовските градови, а Косово ќе престане со понатамошните дејствија, односно најавената казна на возачите кои се уште не ги пререгистрирале возилата.

Тој рече и дека во наредните денови ќе ги повика двете страни да разговараат за следните чекори.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП