3 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАВести од светот

Вести од светот

vesti-svet

Вести од светот – 19.09.2013

Сараево – Босна и Херцеговина во последните три години го зголеми извозот на злато речиси десет пати, а лошата финансиска состојба многумина ги принуди да го продадат накитот. За осум месеци оваа година вредноста на извозот на злато изнесувала 30 милиони марки, а во 2010 година само 3,6 милиони КМ. Според проценките на Управата за индиректно даночење на БиХ, еден дел од златото откупено од граѓаните на БиХ се топи и се извезува во златни шипки, но во најголем дел се извезува како златни предмети во иста форма во која се купени, пренесе порталот Индикатор.ба.

Загреб – Според досега обработените даночни пријави, највисокиот пријавен доход во Хрватска минатата година изнесувал 6,5 милиони куни (околу 854.000 евра). Хрватските даночници обработиле над 80 отсто добиени годишни пријави на даноци на доход и правото на враќање на данок го оствариле над 475.000 граѓани, во вкупен износ од 886 милиони куни. Врз основ на обработените даночни пријави, обврска да извршат дополнителна уплата на данок на доход имаат 49.331 обрзник, а потребниот износ на уплата е 192,9 милиони куни.

Подгорица – Вредноста на минималната потрошувачка кошница во Црна Гора во август изнесувала 800,4 евра, т.е. била пониска за 0,2 отсто во однос на јули, соопшти Монстат. Во вкупната структура на минималната потрошувачка кошница на храна и безалкохолни пијалоци се однесуваат 253,8 евра, на прехранбените производи и услуги 351,6 и на вредноста на импутираната рента 195 евра. – Вредноста на минималната потрошувачка кошница во август 2013 година, во однос на истиот месец лани зголемена е за 0,8 отсто, се наведува во соопштението. Просечната плата во Црна Гора, според податоците на Заводот за статистика, изнесува 469 евра.

Загреб – Најголеми пензии во Хрватска имаат тројца државни функционери и девет војници кои примаат над 16.106 куни (2.117 евра). Не е тешко да се претпостави дека најголема функционерска пензија оствариле тројцата поранешни претседатели на државата – Фрањо Туѓман, Стјепан Месиќ и Влатко Павлетиќ кој за кусо време ја вршеше должноста шеф на државата. Меѓутоа, најголемата повластена пензија е уште поголема и изнесува 18.900 куни или 2.485 евра.

Пекинг – Полицијата уапсила човек кој дошол до вториот најбогат Кинез Зонг Чингхуа, побарал да го вработи и бидејќи Зонг го одбил, тој го нападнал и го повредил. Сопственикот на компанијата на безалкохолни и млечни пијалоци Вахаха, Зонг кој има 67 години закрепнува од повреди на левата рака од нападот кој се случил минатиот петок во источниот град Ханзу, недалеку од неговиот дом. Синхуа јави дека напаѓачот се вика Јанг и има 49 години. Тој сакал работа во Вахаха и дошол до Зонг откако на телевизија видел прилог во кој бизнисменот помага на работници мигранти.

Вашингтон – На чело на американските Федерални резерви може да дојде Џенет Јелен, која ужива висок углед во берзанскиот свет, но и во вашингтонските политички кругови. Откако од трката за тоа место се откажа Лоренс Самерс, поранешен претседател на Универзитетот Харвард, главен кандидат за Белата куќа и за претседателот на САД Барак Обама ќе биде Јелен, оценува американскиот печат. Вашингтон пост наведе дека Јелен 67, во случај да биде избрана, ќе биде лице со искуство, бидејќи водела сектор во Федералните резерви во Сан Франциско од 2004 до 2010 година, поминувајќи периоди и на добра економска состојба во земјата, но и време кога настапи финансиската криза.

Берн – Според најновото истражување, Швајцарија се искачи на седмо место во светот според бројот на мултимилионери, чие богатство се оценува на над 30 милиони долари. Како што пренесе швајцарскиот весник 24 часа, бројот на богаташи во Швајцарија во период од 2011 до 2012 година пораснал за дури 13,3 отсто, така о со 6.330 сопственици на имот вреден од 30 милиони долари, Швајцарија се најде на седмата позиција во класификацијата објавена на финансискиот сајт 24-7 Вол стрит.

Брисел – Презадолжената Белгија ќе се обиде да го намали преголемиот долг по пат на продажба на 10 отсто акции во најголемата француска банка БНП Париба, соопштија медиумите во таа земја. Според пишувањето на француски весник Еко, владата на белгискиот премиер Елио Ди Рупа сака да го намали актуелниот долг кој е еднаков на едногодишниот целосен БДП на земјата. Белгија поседува 10,28 отсто акции во БНП Париба, со чија продажба може да собере околу 6 милијарди евра, пишуваат медиумите.

Мадрид – Шпанската компанија Индитекс, најпозната по брендот Зара, објави дека нејзините полугодишни резултати се подобри од очекуваните. Деловниот успех е остварен благодарение на строгата контрола на трошоците која го компензираше негативното влијание на лошите временски услови и курсните разлики. Шпанскиот моден гигант кој исто така ја држи и луксузната марка Масимо Дути, како и Бершка, наменети за млади, во првата половина на тековната година оствари нето профит од 951 милион евра, што е раст од 1,0 отсто. Приходите од продажбата се зголемени за 6,0 отсто, на 7,7 милијарди евра.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП