19 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАМазут веќе се употребува во топлана Скопје Север, но никој не следи...

Мазут веќе се употребува во топлана Скопје Север, но никој не следи колку таа загадува

При производство на топлинска енергија, топланата Скопје Север изминатиов период функционира комбинирано, односно користи природен гас, но и мазут од своите резерви. Целиот овој процес се одвива без притоа да се врши мерење на емисиите што топланата ги испушта во воздухот. Мониторингот на квалитетот на воздухот е една од обврските што топланата ги има според еколошката дозвола.

– Доколку Операторот ги стартува и ги стави во функција котлите на енергенс мазут, без одлагање треба да го извести Надлежниот орган, да изврши мерења на емисиите при стартување и да ги достави извештаите од мерењата до Надлежниот орган – стои во интегрираната еколошка дозвола (Б) со број 08-2598/5 што Град Скопје ја издал на топланата во јули годинава.

Во интегрираната еколошка дозвола (Б) што Град Скопје ја издал на топланата се нагласува дека емисиите во воздухот не треба да содржат видлив чад. И во случаи кога се работи за одржување и кога емисиите на чад би биле предизвикани од повторно стартување од ладно, истото не треба да трае подолго од 20 минути во било кој период од осум часови и сите практични чекори треба да се превземат да се минимизира емисијата.

Во дозволата исто така е наведено дека во периодите кога ќе се користи мазут како погонско гориво, за тоа треба да се извести Надлежниот орган и да се доставува спецификација за квалитет и количина на горивото. Притоа, истото треба да биде во согласност со Правилникот за квалитет на течни горива (“Службен весник на Република Македонија’’ бр.81/09).

Дополнително, во услови на користење на мазут како погонско гориво, топланата е обврзана да ја достави количината на создадениот депозит при перење котли, негова хемиска анализа и договор за превземање на депозитот со превземачот.

На планот на квалитетот воздухот, во дозволата се наведени неколку насоки што мора да се почитуваат, како тоа дека емисиите кои потекнуваат од инсталацијата на топланата не треба да содржат нападен мирис надвор од границите на инсталацијата. Тие, исто така, освен пареа и кондензирана водена пареа, нe треба да содржат капки на перзистентна магла и перзистентен чад.

На сите овие точки поврзани со квалитетот и со потенцијалното загадување на воздухот од топлана Скопје Север засега нема прецизен одговор. Потврдено е дека таа работи комбинирано на природен гас и на мазут, но кога вториот енергенс се користи како погонско гориво, не се прави мониторинг на емисиите на воздухот, а прашање е и колку се почитуваат другите точки од еколошката дозвола. На граѓаните, притоа, останува да го дишат воздухот и да ги полнат амбулантите поради здравствените проблеми предизвикани од енормното загадување.

Сето ова значи дека неодговорните чекори на полето на парното греење во Скопје продолжуваат, а цената за тоа веројатно ќе ја платат граѓаните преку оштетување на нивното здравје. Последен случај во оваа низа е фактот дека топланата Скопје Север веќе користи мазут за произведување топлинска енергија, иако овој енергенс се вбројува во групата на тие што најмногу загадуваат.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП