27 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАТурската компанија „Текнопанел“ ќе гради фабрика во ТИРЗ Скопје – 120 работни...

Турската компанија „Текнопанел“ ќе гради фабрика во ТИРЗ Скопје – 120 работни места со просечна плата од 600 евра

Премиерот Димитар Ковачевски се обрати на настан по повод новата инвестиција на турската компанија „Текнопанел“ во ТИРЗ Скопје 1. Станува збор за високотехнолошката компанија, која ќе инвестира 20 милиони евра во изградба на нов производствен капацитет за производство на иновативни т.н. сендвич-покривни панели, кои истовремено нудат топлинска, хидро и звучна изолација, а отпорни се и на пожар и особено се користат за покривни површини на индустриски згради. Производството ќе почне од следната година, а ќе се отворат 120 нови работни места, со просечна нето-плата за вработените од речиси 600 евра. Во согласност со инвестицискиот план, платите континуирано се очекува да растат.

Добивај вести на вибер

„’Текнопанел’ избра да ја донесе својата инвестиција токму тука и ова секако не е случајно. Ние како Влада обезбедуваме можности и предности за инвестирање во Северна Македонија. Најпрвин, ова е земја членка на НАТО, со почнати преговори за членство во ЕУ, затоа и е стабилен партнер. Поддршката што ја добиваат компаниите од државата, во смисла креирање поволни услови за работа, исто така е важен предуслов за растот на инвестициите. И, секако, ние тука имаме квалитетни, трудољубиви работници и затоа наш клучен услов се одржливи и добро платени работни места за нашите граѓани. Во ова кризно време, а со цел да се справиме посеопфатно со последиците, по моја насока ние активно дејствуваме по две линии. Реков дека никој нема да е оставен сам и затоа како одговорна Влада изминатиов период обезбедивме два пакета антикризни мерки за заштита на најранливите граѓани и компаниите во вредност од над 760 милиони евра“, рече Ковачевски и додаде дека во следните два месеца до крајот на годината ќе бидат презентирани уште четири инвестиции.

Јован Деспотовски, директор на ТИРЗ, рече дека од еден скромен и отворен разговор во Истанбул со сопственикот на „Текнопанел“, Орхан Кахвеџи, денес стигнавме до реална инвестиција од 20 милиони евра и 120 нови работни места со плати над државниот просек.

„Ова е последна од инвестициите што ги презентиравме периодов и кои веќе надминуваат 620 милиони евра. Тие предвидуваат отворање 5.000 добро платени работни места за наши сограѓани. Тоа е резултатот од новиот концепт на ТИРЗ и Владата за привлекување инвестиции. Отворени сме, искрени и чесни. Тоа е стратегијата за која прашуваат од ВМРО-ДПМНЕ. Нашата стратегија не е ЌЕ, туку СЕГА – реални инвестиции и реални работни места. Тоа е она што нè прави поинакви и успешни“, рече Деспотовски.

Орхан Кахвеџи, сопственик на компанијата „Текнопанел“, рече дека оваа нова инвестиција е петти производствен капацитет, а воедно и првата фабрика за производство надвор од Турција.

„Како прво, ова е центарот на Европа од каде што ќе се извезува производството. Со помош на соработка со компаниите од регионот, квалификувани луѓе, верувам дека ова ќе биде уште една наша успешна приказна. Поддршката и стимулациите на Владата за нас се исто така многу вредни“, рече Кахвеџи.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП