Министерот за економија, Крешник Бектеши, најави дополнително намалување од 5 до 12 отсто на цените на основните прехранбени производи по средбата со компаниите за производство на храна, кои ги информира за новиот Закон за потрошувачите.
„Се разговараше за најактуелната тема за цените на основните производи. Дојдовме до констатација дека почнал трендот на намалување на цените на млекото и лебот. Во согласност со сите калкулации, во делот на суровините ќе има дополнително намалување во следните денови имајќи предвид дека ‘ЕСМ продажба’ ги заклучува договорите со овие потрошувачи. Како министерство ги информиравме производителите дека правиме анализи за дополнителни мерки, кои треба да се донесат за следната година. Јас бев многу транспарентен пред нив. Им реков дека целиот товар го пренесовме врз маркетите и потрошувачите за да ги заштитиме производителите и да ги сочуваме работните места“, рече Бектеши.

