3 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАГруевски: Најновите податоци покажуваат дека Македонија излегува од кризата

Груевски: Најновите податоци покажуваат дека Македонија излегува од кризата

gruevski2

Македонија, според меѓународните финансиски институции, е на добар пат за макроекономско заздравување во годините што следат. Најновите податоци покажуваат дека земјата излегува  од кризата, оцени денеска премиерот Никола Груевски во обраќањето пред бизнис заедницата.

Позитивните  движења од крајот на 2012 година, посочи Груевски, продолжија и годинава  при што БДП забележа значителен раст  од 2,9 отсто во првиот квартал, а во вториот  квартал од 3,9 отсто.

Според премиерот, дополнително охрабруваат и најновите податоци за придвижување на економската активност во вториот квартал во еврозоната.

– Позитивните податоци за ЕУ и солидните перформанси на реалниот сектор во првата половина од годинава, смета премиерот, се добра основа за реализција на очекувањата домашната економија да го оствари проектираниот раст од 2 отсто, а можеби и повеќе, рече   Груевски, кој  очекува во тоа да помогне реализирањето на капиталните инвестиции, како и продолжувањето со навремена исплата на сите обврски. Во наредните  две години, наведе, се очекува зголемување на растот, од 3,2 отсто во 2014 и 3,8 отсто во 2015 година.

Според Груевски, и покрај силните реперкусии врз македонската економија од светската и европската должничка криза Македонија е една од ретките земји која успеа да ја намали невработеноста, која првпат падна под психолошката бариера од 30 отсто. Последната објава од вчера за стапка од 28,8  отсто и показателите за растот на БДП од 3,9 отсто покажуваат дека напорите за подобрување на условите за бизнис и сите реформски антикризни мерки кои ги презедовме даваат резултати, рече Груевски.

Тој, меѓу другото, информира и дека по првата анкета на Агенцијата за вработување со која се разви модел за регистрирање активни и пасивни невработени, ќе следи и втора таква  активност во декември годинава. Со тоа се очекува многу прецизен податок колку од невработените лици активно бараат  работа, со што ќе се помогне во креирањето активни мерки за вработување.

Владата, како што рече премиерот, продолжува со инвестиција во технолошко индустриските развојни зони со цел поттикнување на економскиот развој и промоција на Македонија како бизнис-дестинација за реномирани странски компании.

– На 25 август годинава беше отворена првата ТИРЗ во источна Македонија, лоцирана во Штип со површина од 208 хектари и 37 парцели, првата фабрика на „Џонсон контролс“ за автомобилски седишта е веќе изградена и во неа почнаа вработувањата и досега се вработени околу 700 лица од предвидените 1.427. Наскоро се очекува нов инвеститор да почне да гради фабрика за градежни материјали за што веќе е закупена парцела од 6.000 метри квадратни, информира Груевски.

Во тек е, додаде, изведување градежни работи во ТИРЗ – Кичево, Гевгелија и Прилеп. Следниот викенд ќе почне градбата на ТИРЗ Струмица, а за останатите зони се изработува техничка документација. Предвидени се вкупно 14 ТИРЗ-ови и градбата на сите треба да започне до март-арпил следната година, рече Груевски.

Пред членовите на бизнис заедницата нагласи дека ќе продолжи да се залага за отворена комуникација со бизнисот, без никакви ограничувања, со можност за средби со компаниите и стопанските комори.

Со активностите што се преземени во изминатиот период, укажа, најважно е што успеавме да создадеме клима кога некоја комопанија ќе побара на телефон некој министер тој да одговори. – Нема и не смее да има недопирливи министри или изолирани директори, порача Груевски.

За да се зајакне економскиот потенцијал на среден и долг рок, подвлече, особено значајно е да се развие конкурентноста на приватниот сектор преку зголемување на знаењето и иновациите кај фирмите.

Укажа и на потребата од развивање на претпримачкиот дух и натамошно зајакнување на економскиот потенцијал на среден и долг рок и преку зајакнување на конкуренцијата, поради што компаниите треба повеќе да се ангажираат во примена на иновации, а стопанските комори и кластерите да настапа со план за такви активности. Во тој контекс, според Груевски, за компаниите е значајно почнувањето со работа на Фондот за иновации.

За понатамошен развој на иноваторството, соопшти, Владата е во фаза на креирање нов аранжман со Светската банка која со околу 24 милиони евра ќе го поддржи овој исклучително важен проект.

– Буџетот на фондот за наредните три години е близу 8 милиони евра годишно и се очекува за овој период да бидат поддржани преку 150 компании со грантови и други пласмани коишто ќе помогнат во развој на иновациите и во нивна комерцијализација.Овој проект е најважен за новите компании и за компаниите во раст. За големите компании кои исто така може да бидат корисници на средствата од овој фонд би потсетил на пораките кои ги испратив минатата година на оваа тема на истиот настан, рече Груевски.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП