Власта планира до година од граѓаните и стопанството да собере рекордни 4,6 милијарди евра, што е за 600 милиони евра повеќе од годинава, или цели 1,5 милијарди евра повеќе од 2018 година.
ГОДИНА ПРИХОДИ |
2023 година 4,6 милијарди евра |
2022 година 4 милијарди евра |
2021 година 3,6 милијарди евра |
2020 година 3,2 милијарди евра |
2019 година 3,4 милијарди евра |
2018 година 3,1 милијарди евра |
На приходната страна на буџетот се препознава даночната реформа која треба да почне да се применува од 1 јануари наредната година, за која детали се најавени до крајот на овој месец. Од зголемените давачки за граѓаните и компаниите власта планира да собере 76 милиони евра идната година.
Што покажува Предлог буџетот за 2023 година, од кои даноци ќе се соберат повеќе пари?
Бројките велат дека вкупно од даноци до година се планира да се соберат 2,6 милијарди евра или за 316 милиони евра повеќе од годинава. Половината од парите кои ќе се слеат во државната каса се од најголемиот полнач – данокот на додадена вредност од кој се планира да се соберат 1,3 милијарди евра што е за 160 милиони евра повеќе од годинава. Од данокот на личен доход пак се планирани плус 63 милиони евра од годинава, од данокот на добивка дополнителни над 20 милиони евра повеќе од годинава. Има раст на приходите и од царини и акцизи, додека пак од придонеси се планирани за 12 проценти повеќе пари или вкупно 1,4 милијарди евра.
ДАНОЧНИ ПРИХОДИ |
ВКУПНО 2,6 милијарди евра ( + 316 милиони евра) +13,6% |
ДДВ 1, 3 милијарди евра (+163 милиони евра) +14,7% |
ДЛД 431 милион евра (+63 милиони евра) + 17,1% |
Данок на добивка 239 милиони евра (+21 милион евра) |
Акцизи 475 милиони евра (+37 милиони евра) +8,5% |
Царини 174 милиони евра (+29 милиони евра) +20% |
Придонеси 1,4 милијарди евра + 12,1% |
Се уште не се знае дали од наредната година ќе почне примената на прогресивниот данок. А според она што беше презентирано на јавните дебати се епланира да е повисок ДДВ за некои производи за кои до сега се плаќаше помалку од 18 проценти ДДВ. Најавено беше и оданочувањетто на каматите на штедните влогови, на реинвестираната добивка и капиталните добивки, а се најавуваше и плаќање на придонеси за хонорарците. Што се ќе содржи даночната реформа, министерот за финансии Фатмир Бесими најави дека ќе обелодени до крајот на месецов.
С.А