19 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАСВЕТБајден на конференцијата на ОН „COP27“: „Климатската криза е егзистенцијална закана за...

Бајден на конференцијата на ОН „COP27“: „Климатската криза е егзистенцијална закана за планетата“

Американскиот претседател Џо Бајден денеска на климатската конференција на ОН „COP27“ изјави дека глобалната климатска криза е егзистенцијална закана за планетата и вети дека САД ќе го направат својот дел во борбата против овој феномен.

– Климатската криза се однесува на безбедноста на човештвото, економската безбедност, безбедноста во однос на животната средина и самиот начин на живот на оваа планета – рече Бајден, лидерот на земјата која е втора во светот по емисии на штетни гасови.

Тој нагласи дека „САД ќе ги исполнат своите цели за емисиите на гас до 2030 година“.

Во својот говор, Бајден ги потсети претставниците на земјите од целиот свет на средбата во Шарм ел Шеик дека се уште се потребни напори за да се постигне целта глобалното затоплување да се одржи на ниво од 1,5 степени Целзиусови и покрај војната во Европа и високата инфлација.

-И покрај овие фактори, сега е поважно од кога било да ги удвоиме нашите напори кога станува збор за климата. Војната што ја води Русија само ја зајакнува итноста на светската транзиција и одвојување од зависноста од фосилните горива – рече американскиот претседател.

Тој рече дека САД, ЕУ и Германија ќе придонесат со 500 милиони долари за финансирање на транзицијата на Египет кон чиста енергија и вети 150 милиони долари во име на Америка за да и помогне на Африка да се прилагоди на климатските промени.

Да потсетиме, Бајден денеска пристигна во Египет на самитот COP27 на ОН за климатски промени, кој се одржува во популарното летувалиште Шарм ел Шеик, по што се очекува да одржи важни состаноци на групата АСЕАН во Камбоџа и Групата Г20 во Индонезија.

Бајден ќе помине само неколку часа во Египет и ќе го претстави американскиот план за намалување на последиците од глобалното затоплување, чии последици најмногу ги чувствуваат земјите во развој, пренесува АП.

Се очекува САД да инвестираат повеќе од 375 милијарди долари во текот на 10 години во заеднички фонд за борба против последиците од климатските промени.

Бајден ќе оствари билатерална средба и со претседателот на Египет, Абдул Фатах ел Сиси, на која покрај прашањата за соработка и безбедност, ќе се спомене и состојбата со човековите права во Египет.

Американската делегација ќе бара да биде ослободен затворениот активист Ала Абд ел Фатах, изјави американскиот советник за национална безбедност Џејк Саливан.

– Претседателот Бајден смета дека секој вистински американски претседател мора да поставува прашања поврзани со човековите права – додаде Саливан.

По Египет, Бајден пристигнува во Камбоџа на состанок на Асоцијацијата на нации од Југоисточна Европа (АСЕАН) за да ја потврди посветеноста на САД кон регионот и со тоа да одговори на зголемената активност на Кина во таа област.

Во Индонезија, на самитот на Г-20, на кој се собираат 20-те најразвиени економии во светот, Бајден очекува значајна средба со кинескиот претседател Кси Џинпинг.

Рускиот претседател Владимир Путин нема да патува во Индонезија, а Бајден не планира да се сретне со рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров на самитот на Г20.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП