30 јуни, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАТопланите во Скопје смеат да загреваат само со гас, но и без...

Топланите во Скопје смеат да загреваат само со гас, но и без важечка дозвола ќе се тестираат на дизел

Министерот за животна средина изјави дека за да можат да употребуваат друго гориво, скопските топлани Исток и Запад задолжително мора да поднесат барање за нивната дозвола да се измени. Според дозволата што тие сега ја поседуваат, смеат да употребуваат единствено гас за да произведуваат топлинска енергија. Процедурата за измена на дозволата трае исто како и за добивање нова дозвола, односно 90 дена.

На почетокот на месецов беа обезбедени количини гас потребни за топланите Исток и Запад, но тие ќе траат до 15 ноември. Што ќе се случува по овој датум, засега не е познато.

Ставот на министерот е дека гас треба да се употребува за загревање сè додека овој енергенс е достапен, бидејќи на тој начин животната средина и здравјето на луѓето ќе бидат заштитени. Според него, дозволата што ја поседуваат скопските топлани Исток и Запад, значи дека тие смеат да работат само на природен гас, а во случај овој енергенс да не биде достапен на пазарот, тогаш можат да употребуваат мазут, но само за кус временски период.

Од друга страна, невладиниот сектор што работи на планот на животната средина веќе излезе со реакција дека дизелот не треба да се користи како енергенс за загревање, имајќи предвид дека истиот загадува значително повеќе од гасот.

– Апелираме дека здравјето на граѓаните нема цена, а кризната состојба не е причина да се носат ад хок решенија, посебно кога во моментот цената на гасот паѓа, а го има како енергенс. Во вакви услови нема потреба ниту за тестирање, ниту пренасочување на производството на дизел со што значително ќе се загади воздухот во Скопје. Истовремено, бараме од Владата и институциите транспарентно да ги носат одлуките за надминување на кризата и пошироко да се консултираат за да се изнајдат најдобрите решенија. Финансиските инвестиции треба да служат за енергетска трансформација, а не за навраќање кон застарени, одамна надминати и загадувачки технологии – велат од „Еко-свест“.

ЕСМ, пак, која што го превзеде управувањето со парното греење во Скопје, истакнува дека тестирањето на дизел се прави со цел да се обезбеди сигурност дека главниот град ќе има парно греење за времетраењето на целата сезона, без разлика дали гасот ќе биде достапен или неговите цените ќе бидат превисоки за набавка.

– Топланите оваа грејна сезона ќе работат на гас, додека во еден кус период системот ќе се тестира за да бидеме подготвени и за други сценарија. Сите постапки и процедури ќе бидат запазени согласно законските прописи, а истите ќе одат во забрзани постапки со оглед на прогласената кризна енергетска состојба – велат од државната компанија.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП