25 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАВодечките светски компании го подобруваат известувањето за климатските промени, но потребен е...

Водечките светски компании го подобруваат известувањето за климатските промени, но потребен е поголем напредок во клучните области на одржливост и ESG

  • Најновите наоди на КПМГ откриваат дека известувањето за одржливост постојано расте, при што 79 проценти од водечките компании обезбедуваат извештаи за одржливост
  • Има забележителни подобрувања кај компаниите кои известуваат за целите за намалување на емисии на јаглерод, но активностите се премногу бавни во клучните поврзани области, при што помалку од половина од компаниите ја идентификуваат загубата на биолошката разновидност како ризик
  • Меѓу илјадници анализирани извештаи, помалку од половина од најголемите светски компании даваат извештаи за „социјалните“ и „управувачките“ компоненти на ESG
  • КПМГ наведува низа препораки, вклучително префрлање на компаниите од наративен пристап и подобро искористување на податоците за да поттикнат промени и да обезбедат докази за нивна активност

За прв пат објавено во 1993 година, Истражувањето за известување за одржливост на КПМГ се подготвува на секои две години, а овогодинешното издание дава анализа на извештаите за одржливост и ESG на 5.800 компании од 58 земји и јурисдикции. Објавените наоди покажуваат дека сè уште постои неповрзаност помеѓу итноста за решавање на климатските промени и општествената еднаквост, и „цврстите финансиски резултати“ што ги обезбедуваат бизнисите.

Најновите наоди откриваат дека известувањето за одржливост постојано расте. Водечките 250 компании во светот – познати како Г250 – речиси сите обезбедуваат некаква форма на известување за одржливост, при што 96 проценти од оваа група известуваат за прашања за одржливост или ESG.

Во меѓувреме, има постојан и конзистентен пораст во известувањето на т.н. Н100 (водечки 100 компании анализирани во секоја земја или јурисдикција вклучени во истражувањето). Пред десет години, околу две третини од Н100 групата на компании обезбедиле извештаи за одржливост. Бројката сега изнесува 79 проценти.

Климатските промени продолжуваат да доминираат

Најновите наоди откриваат дека бизнисите се повеќе препознаваат дека имаат улога во помагањето да се постигнат климатските цели, со импресивни 71 процент од Н100 компании и 80 проценти од Г250 компании кои поставуваат цели за намалување на емисии на јаглерод. Охрабрувачки, повеќето компании признаваат дека мора да ги намалат сопствените емисии на јаглерод за да ги постигнат своите цели, наместо само да се потпираат на јаглеродни кредити (Carbon Credits). Бројот на компании кои известуваат според насоките на Работната група за финансиски обелоденувања поврзани со климата (TCFD) е речиси двојно зголемен, што доведе до подобро обелоденување за климата.

Сепак, извештајот исто така открива и некои клучни области каде што е потребен побрз напредок. Само 64 проценти од компаниите од Г250 формално признаваат дека климатските промени се ризик за нивниот бизнис, а помалку од половина од компаниите моментално ја идентификуваат загубата на биолошката разновидност како ризик.

Известување за одржливост низ призмата на ESG

Овогодинешниот извештај, исто така истакна некои дополнителни предизвици со кои се соочуваат големите светски компании во известувањето за ESG. Помеѓу илјадници анализирани извештаи, помалку од половина од најголемите светски компании дале извештај за „општествените“ компоненти (на пр. современо ропство; разновидност, инклузија и еднаквост; ангажирање во заедницата и прашања од област на работна сила), и покрај зголемената свест за врската помеѓу климатската криза и општествената нееднаквост. Истовремено, помалку од половина од компаниите ги откриле своите ризици на управување (на пр., корупција, поткуп и антикорупција, неконкурентно однесување или политички придонеси). Покрај тоа, само една третина од компаниите од Н100 имаат назначен член од нивниот лидерски тим кој е одговорен за одржливост, а помалку од една четвртина од овие компании ја поврзуваат одржливоста со надоместот на бизнис лидерите.

Обелоденувањата за ESG продолжуваат да бидат главно наративни, наместо да се објавуваат квантитативни или финансиски податоци во врска со влијанијата. Ова јасно е област за подобрување за компаниите ширум светот.

Од позитивна страна, околу три четвртини од компаниите кои известуваат, извршиле проценки за материјалноста и обелоденуваат материјални теми.

John McCalla-Leacy, Глобален Раководител за ESG на KPMG, рече:

„Минатата година, научниците од IPCC предупредија дека светот е во „Црвена зона“ во врска со глобалното затоплување предизвикано од луѓето. Тоа беше проследено со голем број заложби од страна на политичките лидери на COP26 (26-та Конференција за климатските промени на Обединетите нации). Како што се наближуваме кон COP27, сега е потребна итна акција за да се избегнат човечки и еколошки трагедии од сè поголеми размери.

„Истражувањето за известување за одржливост за 2022 година на КПМГ открива дека регулативата прави разлика. Мојот став е дека од клучно значење е да се обезбедат упатства и насоки за компаниите и да се помогне да се поттикнат културни промени. Бизнис лидерите прифатија дека имаат одговорност и улога во помагањето да се забави и потенцијално да се избегне зголемената криза. Она што е потребно повеќе од било кога, се глобално доследни стандарди од владите и колективен напор од големите светски компании да известуваат за сите аспекти на ESG, препознавајќи ги јасните врски помеѓу животната средина и прашања за поширока општествена еднаквост“.

Jennifer Shulman, коавтор на извештајот и Глобален Лидер на Глобалниот советодавен центар за ESG на КПМГ, коментираше:

„Самитот COP26 му понуди на светот човечко лице за зголемената климатска трагедија со која се соочува планетата. Претставници од некои од најоддалечените и најпогодените нации и територии во светот беа присутни за да ја споделат својата приказна. Но, и покрај зголеменото признавање на човечката страна на ESG, нашата најнова анкета продолжува да го истакнува вистинскиот предизвик со кој се соочуваат извршните директори –како да го демонстрираат и одразат поширокото општествено влијание на нивната компанија.

„Треба да започнеме да гледаме одреден напредок во текот на следната година бидејќи организациите како Меѓународниот одбор за стандарди за одржливост (ISSB) воведуваат нови глобални стандарди за известување. Но, компаниите не треба да чекаат да им се каже. Лидерство од страна на врвното раководство е од суштинско значење. Глобалната пандемија и COP26 фрлија светло врз растечките нееднаквости во општеството. Многу големи организации реагираат проактивно, што е за поздравување. Гледаме далеку поголеми активности за родова еднаквост, еднаквост во надоместоци и проценки на влијанието во заедницата. Време е организациите да бидат транспарентни во нивното известување за да го истакнат она што го постигнале и да се сметаат одговорни за областите каде што е потребен понатамошен напредок“.

Регионалната слика

Има значителен пораст во известувањето за одржливост во три земји од 2020 година: Исланд (+39 процентни поени), Обединетите Арапски Емирати (+22 процентни поени) и Јужна Кореја (+22 процентни поени).

Азиско-пацифичкиот регион води во известување за одржливост, со 89 проценти од компаниите во тој регион кои подготвуваат извештаи за одржливост. Потоа следат Европа (82 проценти), Америка (74 проценти) и Блискиот Исток и Африка (56 проценти).

Овогодинешниот извештај ги нагласува регионалните разлики во содржината на извештаите за одржливост, во голема мера поттикнати од најприоритетните грижи и регулаторни разлики. Додека Северна Америка (97 проценти) и Западна Европа (85 проценти) се издвојуваат со највисоки вкупни стапки на известување, Блискиот Исток (55 проценти) и Азиско-пацифичкиот регион (30 проценти) се издвојуваат по интегрираното известување. Во меѓувреме, Латинска Америка (50 отсто) се издвојува во известувањето за биолошката разновидност, а Африка се издвојува во известувањето за општествени прашања и управување (51 процент и 49 проценти, соодветно).

Повик за акција

Новите барања за ESG поттикнуваат поинаква перспектива и разговори во рамки на Одборите на директори на компаниите, поттикнувајќи ги бизнис лидерите да го прошират своето размислување и да се осигураат дека од врвот надолу носат стратешки одлуки кои повеќе ја земаат во предвид климата и пошироките размислувања за ESG.

Извештајот на КПМГ ги нагласува конкретните начини на кои бизнисите можат да инвестираат во известувањето за одржливост:

  • ESG известувањето со задолжителни или доброволни рамки за известување

Како што се развиваат регулативите, притисокот врз бизнисите да известуваат за нефинансиските показатели се очекува само да расте. Постапувајќи веднаш, компаниите можат да направат информиран избор за да ја поттикнат промената која е повеќе од потребна за да се биде добар општествен граѓанин во денешниот свет.

****

Белешки до уредниците:      

Започнато во 1993 година, Истражувањето за известување за одржливост на КПМГ има за цел да фрли светлина на тоа како најголемите светски компании реагираат и известуваат за нивниот одговор на климатската криза и пошироките општествени прашања. Овогодинешното истражување е 12-то издание на КПМГ и најобемното до денес, кое нуди длабинска „карта со извештаи“ за состојбата на известувањето за одржливост во 2022 година.

За истражувањето за известување за одржливост на КПМГ  

За првпат објавено во 1993 година, ова истражување од 2022 година го означува дванаесеттото издание, кое ги истражува трендовите за известување за одржливост низ целиот свет. Во текот на изминатите две децении, известувањето за одржливост беше главно доброволно, така што целта на ова истражување беше да понуди значаен увид во тоа како да се подобрат нивоата на обелоденување од страна на бизнис лидерите, професионалците за одржливост и одборите на компаниите.

Денес, ние сме на прагот на усвојување на задолжително и регулирано известување за одржливост и сликата за известување драстично ќе се промени. Наодите во овој извештај ја одразуваат денешната состојба на известувањето, празнините кои треба да се пополнат за да се исполнат регулаторните барања и сеопфатните размислувања за деловната стратегија, кои може да им овозможат на компаниите да ги исполнат зголемените регулаторни очекувања, а истовремено да вршат влијание и да генерираат вредност.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП