28 март, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАДизел кризата во Европа ќе се продлабочи напролет

Дизел кризата во Европа ќе се продлабочи напролет

Залихите на дизел гориво во северозападна Европа на почетокот на следната пролет ќе го достигнат најниското ниво во последните 12 години, се вели во прогнозата на консултантската компанија „Wood Mackenzie Ltd.“, цитирана од „Bloomberg“.

Залихите на дизелот се очекува да продолжат да се зголемуваат во декември и јануари, пред нагло да паднат. Во март, нивоата веројатно ќе го достигнат најниското ниво од 2011-та година, предупредуваат аналитичарите.

Со тоа што Европската унија (ЕУ) треба да ја прекине испораката на руско гориво по морски пат на почетокот на февруари, ситуацијата со и онака тесната понуда на континентот може да се влоши. Залихите се важна заштита од такви нарушувања и кога тие се исцрпуваат, ризикот од нестабилност на пазарот се зголемува.

„Пониските нивоа на залихи го поддржаа растот на маржите за нафтените компании и рафинериите“, рече Џејмс Барли, висок аналитичар во „Wood Mackenzie“.

Како резултат на тоа, консултантската куќа очекува дневната стапка на преработка на сурова нафта во северозападна Европа да се зголеми за 420.000 барели овој месец, достигнувајќи вкупно 6,14 милиони барели.

„Очекуваме поголемото производство да продолжи да биде поддржано од силните нето парични маржи и очекуваме залихите на гас/дизел на крајот на декември да достигнат речиси 3 милиони барели“, истакна Барли.

Со оглед на тоа што Русија останува најголемиот снабдувач на ЕУ со дизел гориво од бродови, „Wood Mackenzie“ очекува остар пад на залихите на крајот на зимата.

Дел од проблемот со достапноста на дизелот во Европа и во САД, лежи во структурата на фјучерс пазарите. Кривата за бензин со кој се тргува на Меѓународната берза на нафта (ICE) е надолна, што значи дека испораките во блиска иднина се поскапи од оние испорачани на подоцнежен датум.

Ова го обесхрабрува складирањето залихи, бидејќи трговците се подготвени да продаваат денес по подобра цена отколку да бараат договори за идните набавки. Иако овој тренд е ослабен во последните денови, тој се држи на пазарот.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП