17 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАДизелот ќе ги грее скопските домови, а најмладите жители ќе го дишат...

Дизелот ќе ги грее скопските домови, а најмладите жители ќе го дишат загадениот воздух

Со цел да проверат како загадувањето влијае врз здравјето на децата, во Велика Британија беше спроведено истражување во кое што учествуваа 3.500 ученици од Лондон. Универзитетот „Квин Мери“ сподели дека нивните научници дошле до заклучокот дека најмладите се нагласено ранливи на загадувањето, вклучително и тоа што е резултат на користење дизел-гориво. Намален раст и капацитет на белите дробови, што би довело до нарушувања при дишењето во текот на целиот живот, се само дел од констатациите извлечени од доказите собрани во ова истражување.

И покрај ваквите податоци кои што се јавно достапни и широко споделувани, македонската влада најави дека топланите Исток и Запад, кои што произведуваат греење за повеќе од 60.000 домаќинства во скопската котлина, многу веројатно оваа зима ќе функционираат на дизел-гориво. Деновиве овие објекти ќе се тестираат како ќе работат користејќи го овој енергенс, а доколку проценките укажат дека тоа е изводливо, ќе се употребува дизелот од задолжителните нафтени резерви. Притоа, ќе се исклучи можноста да се продолжи со природен гас, иако истиот загадува нагласено помалку, а и периодов има пониска цена на глобалните пазари.

Црвени очи, течење нос, кашлица што наликува на ларингитис, симптоми на бронхитис, но без потврда дека се работи за инфекција од вирус или бактерија, со сето ова се соочуваат голем број родители во зимските месеци во Македонија и особено во Скопје, кога нивоата на загадување на амбиенталниот воздух се екстремно високи. Главниот град секоја грејна сезона руши рекорди и се вбројува меѓу најзагадените места во светот.

Наместо да вложува во испитувања како тоа во Велика Британија и да креира политики кои што ќе го намалат загадувањето, македонската влада превзема чекори и носи одлуки со кои што масовни количества дизел-гориво ќе бидат искористувани за да се напојуваат топланите Исток и Запад, без притоа сериозно да се земе предвид колку ваквото решение ќе го крене степенот на ПМ-честички и на азотен диоксид во главниот град.

Причина за тоа можеби е и полукративна, односно откако ќе се искористат количините издвоени од актуелните државни резерви, за истите да бидат надополнети, ќе се објави тендер. Имајќи предвид на кој начин економските оператори ги добиваат овие милионски договори и поконкретно, на кому редовно се доделуваат, се отвора простор за сомнеж дека компании блиски до владеачката гарнитура ќе се најдат на кусата листа на тендерски победници. Гарантирани губитници, од друга страна, ќе бидат граѓаните, кои што ќе продолжат да дишат уште позагаден воздух иако барем за топланите што го загреваат Скопје, постои решение. Тоа е природниот гас, којшто загадува драстично помалку ако се спореди со дизелот, а периодов има и цена што е забележително пониска на светските берзи.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП