Имајќи ја предвид потребата од обезбедување детални и сеопфатни податоци за финансиските инструменти, Народната банка на Република Северна Македонија започна со објавување нови статистички податоци за показателот должнички хартии од вредност. Овој показател ги прикажува финансиските врски помеѓу секторите во националната економија, како и помеѓу секторите на националната економија и секторот странство, врз основа на должничките хартии од вредност.
Со изработката и објавувањето на овие податоци се збогати сетот расположливи статистички податоци усогласени со меѓународните и европските статистички стандарди, коишто на редовна основа ќе се објавуваат на интернет-страницата на Народната банка. Со тоа, на носителите на економските политики, но и општо на пошироката јавност им се става на располагање детален стандардизиран преглед, изработен по принципот „од кого на кого“, за состојбата на должничките хартии од вредност по институционални сектори иматели и издавачи на хартиите од вредност.

