17 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАСкопските топлани ќе работат на дизел во време на глобален недостиг и...

Скопските топлани ќе работат на дизел во време на глобален недостиг и рекорден раст на цената?

Соединетите Американски Држави се соочуваат со недостиг на дизел, со резерви на екстремно ниски нивоа какви што не се видени од 2008 година и се блиски до нивоата од 1951 г. Енергетските власти во САД уште пред две недели информираа дека имаат резерви за само 25 дена.

Делови од Европската Унија исто така се на чекор од исцрпување на резервите, како последица на недостигот на увозот на горива од Русија, како и нарушувањето на производството во Франција. Слична е ситуацијата и во преостанатиот дел од светот. Како последица на недостигот и зголемената побарувачка, расте и цената на овој енергенс, која зимава се очекува да достигне рекордни нивоа на светските берзи. На пазарот на дизелот се случува совршена бура, коментираат експертите.

Во вакви услови, скопските топлани Исток и Запад од 15 ноември ќе работат на дизел во тест период што ќе трае 10 дена. Директорот на АД ЕСМ Васко Ковачевски информираше дека тестирањето на топланите за работа на дизел се прави со цел да се има резервна варијанта доколку се случат непредвидени околности во испораката на природен гас, или доколку цената на гасот поскапи значително. Сепак, цената на природниот гас на светските берзи е во опаѓање, без најави за дестабилизација.

Оттука, нејасно е зошто во математиките на ЕСМ му се дава предност на дизелот наспроти природниот гас. Покрај енергетските експерти кои ги посочуваат цената и недостигот на дизел на светскиот пазар како аргумент контра дизелот, сè погласни се и еколозите бидејќи овој енергенс важи за голем загадувач. И покрај уверувањата дека радијаторите ќе останат топли, граѓаните се загрижени бидејќи природен гас во моментов е набавен само до 15 ноември. „Дали греењето на дизел ќе чини повеќе? И дали тоа ќе значи дека ќе дишеме црни чадови?“, ова се клучните прашања кои се поставуваат.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП