19 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАИЕА: На Европа ќе и недостига гас следната година

ИЕА: На Европа ќе и недостига гас следната година

Европа мора да дејствува сега за да избегне недостиг на гас следната година поради загубата на испораките од Русија и очекуваната зголемена побарувачка во Кина, предупреди Меѓународната агенција за енергија (ИЕА).

Европа ќе доживее недостиг на гас ако Русија целосно го прекине снабдувањето и Кина го зголеми увозот на течен природен гас, на кој Европа се потпира во светлината на рускиот недостиг на енергија, се вели во извештајот на ИЕА.

Според проценките на ИЕА, следната година Европа би можела да остане без околу 30 милијарди кубни метри гас, кои се неопходни за работата на економијата и полнењето на магацините во текот на летото. Ова би ја загрозило подготовката за зимската сезона 2023-2024, според париската агенција.

Русија во последните месеци драстично ги намали испораките на гас за Европа, што многумина го гледаат како одмазда на Москва за санкциите воведени од западните земји врз земјата по руската инвазија на Украина. И покрај помалата понуда, Европа успеа да го наполни складиштето со гас пред претстојната зима.

Русија и испорача на Европа 60 милијарди кубни метри гас оваа година, но ИЕА проценува дека е „многу мала веројатноста“ да ја испорача истата количина следната година. Дури е можно целосно да се запре снабдувањето.

Во меѓувреме, Кина може да го зголеми увозот на течен природен гас за да го поттикне економското закрепнување следната година, предупреди ИЕА.

„Поради топлите есенски месеци и пониските цени на гасот, постои ризик да опадне желбата на Европа да обезбеди снабдување со гас. Ние сме далеку од најлошото“, предупреди извршниот директор на ИЕА, Фатих Бирол.

Бирол истакна дека Европа следната зима ја чека уште поголем предизвик. „Затоа, владите мора да дејствуваат сега и да ги засилат мерките за намалување на зависноста од гас и да ги поттикнат инвестициите во обновливите извори на енергија“, рече тој.

Бирол процени дека складиштата за гас во Европа следната година би можеле да се полнат само 65 отсто, додека годинава се полнат 95 отсто, што е за пет отсто или пет милијарди кубни метри повеќе од петгодишниот просек.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП