26 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАИнфлацијата во Турција урива рекорди: Во октомври надмина 85 отсто

Инфлацијата во Турција урива рекорди: Во октомври надмина 85 отсто

Инфлацијата во Турција се зголеми 17-ти месец по ред во октомври, достигнувајќи 85,5 отсто на годишно ниво, поттикната од дополнителниот скок на цените на храната и енергијата, покажа денеска официјалната статистика.

Потрошувачките цени забележаа месечен раст од 3,54 отсто.

Цените на храната во Турција минатиот месец биле за 99 отсто повисоки отколку во октомври 2021 година, трошоците за домување пораснале за 85 отсто, а транспортот за 117 отсто, објави турскиот институт за статистика.

Индексот на цените на домашните производители бележи раст од 157,69 отсто на годишна и 7,83 отсто на месечно ниво.

Драматичниот пораст на трошоците за живот во земјата со 85 милиони жители продолжува со несмалено темпо речиси две години, во тандем со значителната девалвација на националната валута, лирата.

Лирата денеска воглавно мируваше во однос на доларот и се тргуваше по 18,61 за долар. На годишно ниво изгуби повеќе од 28 отсто од вредноста во однос на доларот, а во 2021 година падна за речиси 50 отсто.

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган не дозволува да се зголеми основната каматна стапка, инсистирајќи дека тоа ќе и наштети на економијата. Економистите и критичарите, од друга страна, наведуваат дека неговата политика и штети на лирата, ја подгрева инфлацијата и ја поттикнува валутната криза.

На 20 октомври турската централна банка ја намали основната каматна стапка за 150 базични поени трет месец по ред, од 12 на 10,5 отсто и покрај инфлацијата која тогаш беше над 83 отсто, јавуваат американските медиуми.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП