26 јуни, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАЗа тешка зима се подготвуваат големите азиски економии

За тешка зима се подготвуваат големите азиски економии

Големите азиски економии, Јапонија, Јужна Кореја и Кина, почнаа да создаваат резерви на гас, да ги диверзифицираат испораките и да ја намалуваат потрошувачката, пишува „Reuters“ во анализата.

Ова се случува во позадина на високите цени на самото место на пазарот за течен гас, кој е погоден и од војната во Украина.

Високата вредност на американскиот долар во споредба со јапонскиот јен и кинескиот јуан го поскапува и увозот на суровината, додава агенцијата. Извештајот на „Rystad Energy“ забележа дека тргувањето засега е мирно бидејќи залихите се загарантирани. Сепак, сите напори може да се покажат недоволни ако зимата се покаже како неочекувано бурна или има проблеми со главните терминали во САД, Нигерија или Малезија. Затоа и Азија почнува да се подготвува за таква опција.

Во септември, вкупниот увоз на Јапонија забележа пораст од речиси 46 отсто на годишно ниво, при што увозот на јаглен, течен природен гас и нафта го зазема најголемиот дел од зголемувањето. Статистиката покажува дека во моментов резервите на течен гас во земјава се за 36% повеќе во однос на просечното ниво во последните пет години за овој период, или 2,5 милиони тони, наспроти 1,8 милиони тони во претходните години.

Одделни трговци со гас и комунални претпријатија одржуваат сопствени резерви на суровина.

Јапонија купува течен природен гас од Русија, а доколку се прекине снабдувањето, земјата ќе мора да бара алтернативи, изјави „Tokyo Gas“, еден од најголемите трговци со гас во земјата. На владино ниво, веќе се потпишани договори за итна поддршка со малезиската „Petronas“ и владата на Сингапур.

Дополнително, властите во земјата донесоа закон со кој ѝ дозволува на владата да бара ограничувања на потрошувачката од големите потрошувачи

Јужна Кореја почна да ги полни резервите на гас во септември, еден месец порано од вообичаеното. Според извори на „Reuters“, до крајот на септември резервите на течен гас достигнаа 3,9 милиони тони. Во земјата има и кампања за ограничување на потрошувачката за 10% во оваа зима, при што термостатите се поставени на 17°C, а осветлувањето не се вклучува во текот на дневните часови.

Домаќинствата и бизнисите се охрабруваат да штедат преку даночни намалувања, но деталите за овие владини планови сè уште не се објавени, додаде „Reuters“.

Потрошувачката на гас во Кина е ограничена поради мерките против ширењето на коронавирусот, кои сè уште се во сила во земјата. Но, земјата сепак има планови за зимата, вклучително и зголемување на домашното производство и купување повеќе руски гас преку цевководи и течен природен гас. „Газпром“ најавува зголемување на гасоводните испораки на гас во земјата, но не наведувајќи детали за обемот.

Владата, исто така, даде одобрение за повеќе електрани на јаглен, откако недостигот на електрична енергија ја осакати економијата минатата година. Но, Пекинг не планира да ги наполни складиштата за гас, туку ќе се потпира на тековните резерви, додава „Reuters“.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП