25 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАСВЕТДЕМОНСТРАЦИЈА НА СИЛА КАКВА НЕ Е ВИДЕНА СО ДЕЦЕНИИ: Зошто Ким истрела...

ДЕМОНСТРАЦИЈА НА СИЛА КАКВА НЕ Е ВИДЕНА СО ДЕЦЕНИИ: Зошто Ким истрела толку многу проектили

Периодите на тензии меѓу Северна и Јужна Кореја доаѓаат и си одат, но ситуацијата на Корејскиот полуостров моментално е најнестабилна во последните пет години и се чини дека ќе се влоши.

Минатиот месец Пјонгјанг истрела проектил над Јапонија, принудувајќи ги жителите да се засолнат во непријателски и провокативен чин. Северна Кореја лансираше неколку други балистички ракети, испрати воени авиони во близина на границата со Јужна Кореја и истрела стотици артилериски гранати во морето, од кои некои паднаа во воената тампон зона што двете Кореи ја создадоа во 2018 година за да го одржат мирот. Двете земји технички сè уште се во војна.

Тензиите дополнително ескалираа во средата кога Северна Кореја лансираше најмалку десет балистички ракети во правец на исток. Еден од лансираните проектили паднал на 167 километри од јужнокорејскиот остров Улеунг, а другиот на 57 километри од јужнокорејскиот град Сокчо. Пјонгјанг нема организирано толку масовна демонстрација на сила од крајот на Корејската војна во 1953 година.

Додадете ги гласините дека Пјонгјанг се подготвува да тестира нуклеарна боева глава, прва од 2017 година. Зошто реакциите на Пјонгјанг се сè побурни?

Причината за денешниот ракетен напад е најголемата вежба на американското и јужнокорејското воено воздухопловство наречена „Будна бура“ со повеќе од 240 авиони, меѓу кои и тешко забележливите за радари повеќенаменски борбени авиони F-35B Lightning II“. Сценариото за вежбање вклучува повеќе од 1.600 борбени симулации. Пјонгјанг секоја таква вежба не ја доживува само како провокација, туку и како директна закана и можен почеток на напад.

На почетокот на овој месец, Америка и Јужна Кореја истрелаа низа проектили во морето и спроведоа вежба за бомбардирање во Жолтото Море како одговор на севернокорејското истрелување на неидентификувана балистичка ракета над Јапонија.

Во овој период, Јапонија и Америка спроведоа заедничка воена вежба во која учествуваше американскиот носач на авиони Роналд Реган во областите околу Јапонија.

Неколку причини

Експертите велат дека постојат неколку причини зошто севернокорејскиот лидер Ким Џонг Ун толку многу ги засилува своите ракетни тестови сега.

Прво, едноставно може да биде добар тајминг по настаните од изминатите неколку години, бидејќи Ким прогласи победа против Ковид во август, а новата американска администрација се фокусираше на демонстрации на единство со Јужна Кореја.

„Тие не можат да тестираат неколку години поради политички причини, така што очекувам севернокорејските инженери и генерали ќе бидат многу желни да се погрижат нивните играчки да работат добро“, рече Андреј Ланков, професор на јужнокорејскиот универзитет Кукмин.

Џефри Луис, експерт за оружје и професор на Институтот за меѓународни студии Мидлбери, рече дека исто така е нормално Северна Кореја да престане со тестирањето за време на бурното лето и да продолжи кога времето ќе се подобри наесен.

Но, неколку експерти рекоа дека Ким исто така испраќа порака со намерно прикажување на арсеналот на Северна Кореја за време на период на засилен глобален конфликт.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП