17 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАСкопските топлани имаат гас само до 15 ноември - дали потоа ќе...

Скопските топлани имаат гас само до 15 ноември – дали потоа ќе работат на нееколошкиот дизел?

Остануваат уште помалку од 15 дена, а скопските топлани Исток и Запад немаат дефинитивно решение како ќе продолжат да произведуваат топлинска енергија за повеќе од 60.000 домаќинства. Државата го превзеде управувањето со парното греење во главниот град, меѓутоа, природен гас има обезбедено само до 15 ноември. Какви се плановите за периодот потоа не е комплетно јасно, но едно од сценаријата што се најавуваат е дека топланите ќе користат дизел-гориво, кое што во споредба со природниот гас е значително поголем загадувач.

Според последните информации од познавачите во енергетскиот сектор, се планира искористување на дел од државните дизел-резерви, а со цел потоа тие да се надополнат, како што наложува законот, количините потоа ќе мора да се обезбедат преку тендерски постапки. Енергетските експерти предупредуваат дека ваквото сценарио може да доведе до трошење на буџетските средства на несоодветен начин, односно со фаворизирање на одредени економски оператори.

Државната компанија што раководи со парното во соопштение истакна дека прават набавки на природен гас на пократки периоди бидејќи цените на овој енергенс се движат во надолна линија. Истовремено, компанијата најави и дека ги подготвува топланите за да работат на дизел.

Временските услови изминативе денови не наложуваат значително користење на парното греење, но за периодот што следува веќе се најавува пад на температурите што би значело и зголемено производство на топлинска енергија. Доколку тоа се прави со употреба на дизел-гориво, ќе значи дека топланите Исток и Запад ќе придонесат во зголемувањето на загадувањето во Скопје. Дополнително, цените на дизелот периодов, исто така, растат и прогнозите се дека тоа ќе продолжи и понатаму, што значи префрлувањето на топланите на овој енергенс може да се покаже и финансиски неисплатливо.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП