Би сакале да ја информираме македонската јавност дека цените на билетите за натпреварите од претстојното Ракометно првенство за жени ЕHF EURO 2022 имаат заштитена цена, која е дефинирана и утврдена од Европската ракометна федерација (ЕХФ) за четирите града во кои ќе се одржува шампионатот: Скопје, Подгорица, Љубљана и Целје. Билетите се поделени во три категории и се продаваат преку мрежата на „Евентим“ (официјалниот партнер на ЕХФ за продажба на билети), а наш национален дистрибутер е агенцијата „МК тикетс“.
Во согласност со барањата на љубителите на ракометот за обезбедување дополнителна пониска ценовна категорија на билети, Ракометната федерација на Македонија, по добиеното одобрение од европската куќа на ракометот, ќе субвенционира 40 % од износот на билетите од категорија 2 и од категорија 3, купени во периодот од 2 до 9 ноември 2022 година преку овластените агенции „Евентим“ и „МК тикетс“.

