23 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАКаде во ЕУ струјата и гасот беа најскапи и најевтини? (ИНФОГРАФИК)

Каде во ЕУ струјата и гасот беа најскапи и најевтини? (ИНФОГРАФИК)

Во првите шест месеци од 2022-ра година, просечните цени на електричната енергија за домаќинствата во Европската унија нагло пораснаа во споредба со истиот период во 2021-ва година.

Тие достигнаа 25,3 евра за 100 киловат часови струја, наспроти просечната цена за првата половина од минатата година од 22 евра за 100 киловат часови.

Просечните цени на гасот за истиот период, исто така, значително пораснаа, на 8,6 евра за 100 киловат часови во споредба со 6,4 евра за 100 киловат часови во претходната година. Ова го покажуваат најновите податоци на европската статистичка агенција Евростат.

Во првите шест месеци од оваа година, во споредба со истиот период во 2021-ва година, даночното оптоварување на домаќинствата и различните давачки за нивните сметки за струја и гас се значително намалени, бидејќи земјите-членки воведоа додатоци и субвенции за ублажување на високите трошоци за енергија, објаснуваат експертите на Евростат.

Учеството на даноците во сметките за струја падна на просекот на ЕУ од 24 отсто во периодот јануари-јуни 2022-ра година, во споредба со 39 отсто во истиот период минатата година. Кај сметките за гас за домаќинствата, падот е до 27% оваа година од 36% во 2021-ва година.

Струјата поевтинила само во пет земји од ЕУ

Цените на струјата за домаќинствата пораснаа во 22 од земјите-членки во првата половина од годинава на годишна основа. Сметките за струја најмногу пораснале во Чешка (+62 отсто), Латвија (+59 отсто) и Данска (+57 отсто). На другиот крај на скалата, земјите со пониски сметки за електрична енергија во домаќинствата од минатата година ги вклучија Холандија (-54 отсто), Словенија (-16 отсто), Полска (-3 отсто) и Португалија и Унгарија (- 1 отсто). Намалувањето на цените во Холандија, Словенија и Полска е поврзано со доделување државни субвенции и помош, додека во Унгарија цените се регулирани од државата.

Изразено во евро вредност, просечните цени на електричната енергија за домаќинствата во првата половина на 2022-ра година беа најниски во Холандија (5,9 евра за 100 киловат часови), Унгарија (9,5 евра за 100 киловат часови) и Бугарија (10, 9 евра за 100 киловат часови ). Највисоки сметки имало во Данска (45,6 евра за 100 киловат часови), Белгија (33,8 евра за 100 киловат часови), Германија (32,8 евра за 100 киловат часови) и Италија (31,2 евра за 100 киловат часови).

Цените на гасот се зголемија во речиси сите земји-членки на ЕУ

Помеѓу првата половина од минатата година и првата половина од оваа година, цените на гасот се зголемија во 23 од 24-те земји-членки за кои се достапни податоци. Сметките за гас најмногу пораснале во Естонија (+154 отсто), Литванија (+110 отсто) и Бугарија (+108 отсто).

Единствената земја од ЕУ каде што цените на природниот гас за домашните потрошувачи паднаа во истиот период беше Унгарија (-0,5 проценти), каде што цените се регулирани.

Претворени во евра, просечните цени на гасот за домаќинствата во првата половина на 2022-ра година беа најниски во Унгарија (2,9 евра за 100 киловат часови), Хрватска (4,1 евро за 100 киловат часови) и Латвија (4,6 евра за 100 киловат часови), а највисоки во Шведска (22,2 евра на 100 киловат часови), Данска (16,0 евра на 100 киловат часови) и Холандија (12,9 евра на 100 киловат часови).

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП