18 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАСВЕТГрупа Вагнер: Тие му одговараат директно на Путин и се влијателни како...

Група Вагнер: Тие му одговараат директно на Путин и се влијателни како Лавров и Шојгу

Лидерите на Вагнер, група на руски платеници кои директно му одговараат на Владимир Путин, во моментов имаат толку политичко влијание во Кремљ што ги споредуваат со министерот за надворешни работи Сергеј Лавров и министерот за одбрана Сергеј Шојгу, откри истакнат руски дисидент и поранешен политички затвореник.

Михаил Ходорковски, некогаш најбогатиот Русин, нафтен магнат и активист за човекови права, пред Советот за надворешни работи на британскиот Дом изјави дека Евгениј Пригожин, бизнисменот кој конечно во септември оваа година призна дека е основач на платеничката група, има пристап до Путин колку и официјални владини претставници.

Тој истакна дека Пригожин стои зад неодамнешното назначување на генералот Сергеј Суровикин за шеф на воената операција во Украина и дека тесно соработува со него.

Популарноста на групата Вагнер порасна во Русија во последните месеци бидејќи нивното постоење се појави како алтернатива на пошироката мобилизација. Сепак, Ходорковски додаде дека групата Вагнер, која се состои од приближно 7.000 платеници, нема да биде обвинета доколку војната во Украина не успее, бидејќи руските сили бројат меѓу 150.000 и 200.000 војници.

Двајца луѓе кои сигурно ќе преземат одговорност доколку настаните се развиваат вака се Јуриј Ковалчук, финансиерот на Путин и Шојгу, личноста за која се верува дека најмногу го турна Путин да ја започне инвазијата и кој рече дека Киев може да се освои за три дена.

Ходорковски го обвини Путин дека користи платеници како групата Вагнер, која често регрутира затвореници, бидејќи тие му овозможуваат да лаже, да негира одговорност и да спроведува нелегална надворешна политика. „Тие се вклучени во тероризам и убиства“, рече тој, додавајќи дека Велика Британија и другите земји реагираат премногу бавно и не ја нарекуваат со вистинското име и покрај „јасните терористички активности во Африка“.

Нова регрутација – опасна политичка одлука

Новото регрутирање би било многу опасна политичка одлука за Путин, рече Ходоровски, додавајќи дека отпорот кон мобилизацијата го принуди предвреме да го заврши целиот процес.

Тој тврди дека 700.000 луѓе ја напуштиле Русија по прогласувањето на делумна мобилизација и вели дека тоа претставува „тежок удар за одбранбената индустрија на Путин и руската економија“, потенцијално посилен удар од сите претходни санкции, пишува Гардијан.

Ходоровски упати апел до Велика Британија да ги прифати руските бегалци: „Тие се најактивните и најобразованите луѓе, финансиски снаодливи, а меѓу нив има и 30.000 руски програмери кои главно се сместени на Кипар. Тоа е исто така голем удар за способноста на Русија да води сајбер војна“.

Исто така, додаде тој, голем број инженери кои се потребни за ракување со високопрецизно оружје ја напуштија Русија.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП