29 март, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАКанада ќе прима половина милион имигранти годишно

Канада ќе прима половина милион имигранти годишно

Канада го зголеми бројот на имигранти што има намера да ги прими на околу половина милион годишно до 2025 година за да го надомести големиот недостиг на домашна работна сила, рече министерот за имиграција.

„На Канада и требаат повеќе луѓе“, рече Шон Фрејзер на прес-конференција во вторникот.

Повеќе од 900.000 работни места се слободни во многу сектори, а невработеноста падна на историски најниско ниво во последните месеци и беше 5,2 отсто во септември.

Затоа, Отава има намера да додели постојан престој на 465.000 луѓе во 2023 година, 485.000 во 2024 година и 500.000 во 2025 година.

Канадската влада има намера да ги подобри програмите за селекција на потенцијалните имигранти за подобро да одговори на големиот недостиг на работна сила во здравството, на специјализирани работни места, во производството, како и во таканаречениот сектор STEM – наука, технологија, инженерство и математика.

Целта е повеќе од 60 отсто од вкупните имигранти да бидат економски мигранти до 2025 година, рече Фрејзер.

Канада, исто така, има намера побрзо да ги обедини семејствата чии членови живеат во странство, но и да прими помалку бегалци.

Таа прими повеќе од 405.000 имигранти во 2021 година, што е најголем број што некогаш го примиле во една година, се вели во соопштението на Министерството за имиграција.

„Населението на Канада расте речиси двојно побрзо од која било земја од Г7“, рече министерот Шон Фрејзер.

Меѓу седумте индустриски најразвиени земји во светот, Канада, која има речиси 39 милиони жители, има најголем удел на имигранти, така што речиси една четвртина од Канаѓаните се родени во странство.

Во исто време, Канада се соочува со рекорден бран на пензионирање, предупреди канадската статистика оваа пролет.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП