Инфлацијата во еврозоната повторно ги надмина очекувањата и во октомври достигна 10,7 отсто на годишна основа, наспроти 9,9 отсто во септември, покажаа денеска податоците на Евростат. Економистите во анкетата на Ројтерс предвидоа стапка од 10,2 отсто.
Овој тренд на потрошувачките цени навестува натамошно зголемување на каматните стапки од страна на Европската централна банка (ЕЦБ), која ги зголеми каматните стапки за 200 базични поени во последните три месеци и вети дека ќе продолжи со затегнување на монетарната политика во декември. Пазарите, сепак, почнаа да шпекулираат за можно забавување на зголемувањето на каматните стапки на ЕЦБ поради претстојната рецесија и падот на цените на гасот од рекордното ниво.

