Белата куќа ја обвини Русија дека ја користи „храната како оружје“ со повлекување од договорот за извоз на жито од украинските пристаништа.
„Русија уште еднаш се обидува да ја искористи војната што ја започна како изговор да ја користи храната како оружје за директно да влијае на земјите кои веќе се во неволја и цените на храната ширум светот“, изјави неименувана портпаролка на Советот за национална безбедност.
Таа додаде дека така се влошува хуманитарната криза и несигурноста во нејзиното обезбедување.
Руските власти денеска објавија дека се повлекуваат од договорот за извоз на жито од украинските пристаништа, од витално значење за снабдувањето со храна во светот, по нападот на црноморскиот полуостров Крим, што Москва им го припишува на Украина и на Велика Британија.
Договорот склучен во јули под покровителство на ОН и Турција, овозможи извоз на неколку милиони тони жито блокирано во украинските пристаништа од почетокот на руската инвазија на Украина на крајот на февруари. Таа блокада предизвика скок на цените на храната и ги зголеми стравувањата од глад.
Руските власти го оправдаа повлекувањето од договорот со напад со беспилотни летала врз воени и цивилни бродови на руската Црноморска флота стационирани во Севастополскиот залив, на Крим припоен од Русија во 2014 година.