9 декември, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАИзбрани се трите најкреативни идеи за создавање на зелен парк со површина...

Избрани се трите најкреативни идеи за создавање на зелен парк со површина од 5.000 квадратни метри

Вчера во просториите на Архитектонскиот факултет беа изложени цртежите на студентите кои учествуваа на конкурсот за дизајн на „Пензиски парк“ со површина од 5.000 квадратни метри, во рамки на кампањата „Засади желба за поубава иднина“ во организација на Сава пензиско друштво а.д. Скопје, КБ Прво пензиско друштво а.д. Скопје и Триглав пензиско друштво а.д. Скопје.

На овој конкурс со свои цртежи се пријавија многу студенти од Архитектонскиот факултет и Факултетот за шумарски науки, пејзажна архитектура и екоинженеринг „Ханс Ем“ од кои жири комисијата избра три најкреативни, а пензиските друштва ги наградија со таблети за цртање. Наградени беа проектите на студентите Мила Ѓорѓевска, Ален Вејсели и Перица Кипријановиќ.

Во оваа прилика до присутните се обратија деканите на двата факултети.

„Благодарам на иницијативата којашто со полн ентузијазам и енергија ја споделивме со пензиските друштва за денешната манифестација којашто на некој начин заокружува еден процес во кој дел од студентите од архитектонскиот и шумарскиот факултет беа посветени на промислување на идеите за подобро утре. Архитектурата е веројатно една од ретките професии во коишто мора да верувате во иднината. Архитектите уште повеќе, проектирајќи ги проектите, создавајќи ги своите визии, всушност веруваат дека може да создадат и една подобра иднина. Верувам дека со тоа што ќе го направиме денес, со засадување на 15 садници во паркот на Архитектонскиот факултет, на најдобар можен начин ја потврдуваме таа верба на архитектите и на сите млади студенти дека можеме да создадеме подобра иднина.“ – истакна д-р Огнен Марина, Декан на Архитектонскиот факултет.

„Иако сум највозрасен тука, верувајте дека се чувствувам како вас, млад, и за жал пензијата што ми се наближува е нешто што многу ме загрижува. Колку и да ви изгледа далечна пензијата во овој момент, верувајте дека е многу блиску. Ве советувам да размислувате за ова на време за да не се грижите подоцна кога ќе дојде времето за пензија. Една кинеска поговорка вели дека најдобар ден да засадиш дрво е пред 20 години, а втор најдобар ден е денес. Среќен сум што ние успеавме да го направиме тоа барем денес. Во однос на доставените проекти, сакам да истакнам дека комисијата имаше навистина тешка задача бидејќи сите беа квалитетни, малите детали помогнаа во изборот на трите првопласирани.“ – изјави Деканот на Факултетот за шумарски науки, пејзажна архитектура и екоинженеринг „Ханс Ем“, проф. д-р Кирил Сотировски.

Од пензиските друштва велат дека оваа активност претставува значајна надградба на едукативната кампања која трае веќе една година.

„Нашата улога како носители на реформите на пензискиот систем е континуирано да работиме на подигнување на свеста и финансиската едукација за реформираниот пензиски систем, со што сакаме посебно кај вас младите да поттикнеме интерес да се обидете да дознаете што е можно повеќе за тоа како изгледа нашиот реформиран пензиски систем. Утре, кога ќе излезете од овие клупи, ќе се вработите. Со Вашето вработување ќе станете задолжителни членови во вториот столб и имате право сами да го изберете Вашето пензиско друштво. Вашиот работодавец по основ на ПИО ќе уплаќа 18,8% од бруто платата, од кои 12,8% остануваат во првиот столб, а 6% ќе се издвојуваат на Ваша индивидуална сметка во задолжителниот пензиски фонд  и истите ќе се користат единствено за исплата на Вашата пензија. Сите ние сме идни пензионери, кои секако треба уште денес да започнат да размислуваат не само за својата финансиска стабилност во иднина, туку и да се потрудиме да придонесеме за подобра животна средина во која ќе ја уживаме нашата старост. Секое едно дрвце е инвестиција во иднината, затоа планирајте ја вашата иднина, денес, со цел да обезбедите сигурност и стабилност во вашите пензионерски денови.“ – изјави во обраќањето до студентите Предраг Милошевски, член на УО на КБ Прво пензиско друштво а.д. Скопје.

„Денес, гледајќи ги вашите остварувања се чувствувам горд бидејќи сметам дека барем за момент успеавме да ве оддалечиме од секојдневието и да ве пренесеме во иднината. Едукацијата преку кампањи за зголемување на свеста е моќна алатка особено кога станува збор за производи кај кои бенефитот од користење на истите доаѓа многу подоцна. Како пензиски друштва сме обединети во идејата дека само со заеднички сили може да се наметнеме и да оставиме белег кој подоцна ќе се рефлектира во одредени трајни вредности за доброто на сите нас. Идејата за организација на овој конкурс и вклучување на студентите, преставува значајна надградба на основната порака на нашата кампања „Засади желба за поубава иднина“ која ја започнавме минатата година во насока на доближување на врската со пензискиот систем и неговата одржливост во контекст на иднината на младите генерации и нивото на општествена свест кое тие го развиваат.“ – истакна во оваа прилика м-р Маријан Николовски, член на УО на Триглав пензиско друштво а.д. Скопје.

Со свое обраќање на оваа тема се надоврза и Коста Ивановски, член на УО на Сава пензиско друштво а.д. Скопје. „Пред мене имам идни инженери, архитекти, урбанисти, дизајнери на паркови, професии чија основа е предвидувањето и планирањето. Без вас и вашата работа, не е возможно да очекуваме дека човештвото ќе ужива во квалитетни градби, квалитетни урбани средини, квалитетна и корисна сообраќајна инфраструктура на долг рок. Она што денеска пред вас сакам да го потенцирам е дека успешноста во управувањето со личните финансии, исто така, најмногу зависи од доброто планирање. Драги студенти, вие сте дел од надоаѓачката генерација, која има пристап до многу информации за ваша финансиска едукација. Тоа морате да го искористите и навремено да планирате како да станете победници, и успешно да управувате со личните финансии. Денешната наша акција не е само израз на општествената одговорност на пензиските друштва и активност во насока одржлива иднина. Оваа акција претставува и една заедничка долгорочна инвестиција за поубаво, почисто и позелено Скопје.  Како што на овие дрвја ќе им треба децении за да пораснат во оптимална големина за вистински да придонесат за почисто и позелено Скопје, така и на нашата пензиска заштеда ѝ е потребен целиот работен век за таа да формира безгрижни денови во зрелото доба од нашите животи.“ – изјави тој.

По доделувањето на наградите, претставниците од пензиските друштва заедно со студентите засадија „Пензиски парк“ во дворот на факултетот, како симбол за долгорочните придобивки од секоја денешна постапка направена во вистински правец.  

Вчера засадениот парк е деветти и последен „Пензиски парк“ на „Засади желба“ за оваа година, но пензиските друштва во повеќе наврати досега најавија дека ќе продолжат да се стремат кон што е можно повеќе вакви општествено одговорни активности.

Сите информации и активности поврзани со кампањата „Засади желба, за поубава иднина“ се достапни на веб страната www.penzija.mk   

Супервизор на капитално финансирано пензиско осигурување е Агенција за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување (МАПАС) (02) 3224 229, www.mapas.mk

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП