Рускиот претседател Владимир Путин денеска предупреди дека светот се соочува со најопасната и најважната деценија од Втората светска војна.
“Дојдовме до историски пресврт. Можеби претстои најопасната и најнепредвидливата, а во исто време и најважната деценија од крајот на Втората светска војна“, рече Путин на форумот „Валдеј“, пренесе ТАСС.
Тој рече и дека Русија ја создала денешна Украина и дека само таа може да го гарантира нејзиниот суверенитет и територијален интегритет, пренесува ТАСС.
Путин нагласи дека главната цел на „специјалната воена операција“ е да му се пружи помош на Донбас и оцени дека ситуацијата меѓу Русија и Украина до одреден степен може да се смета за граѓанска војна.
Тој рече дека Русите и Украинците, за жал, се нашле во различни земји поради повеќе причини.
Истовремено, тој го обвини Киев дека во моментов прави се за да ги прикрие трагите дека подготвува провокација со „валкана бомба“ и нагласи дека нема никаква смисла Русија да користи таква бомба.
„Не случајно објавивме информации од разузнавачките служби дека подготвуваат инцидент со таканаречената „валкана бомба“. Знаеме дури и каде се прави“, рече Путин.
Тој додаде дека му наложил на министерот за одбрана Сергеј Шојгу да стапи во контакт со неговите колеги од странство и да ги предупреди за заканата на Украина од „валкана бомба“.
Во тој контекст, тој напомена дека Русија се залага да дојде Меѓународната агенција за нуклеарна енергија и да изврши увид во нуклеарните постројки во Украина.
Тој нагласи дека Русија никогаш не кажала самоиницијативно дека може да користи нуклеарно оружје.
„Никогаш не кажавме ништо самоиницијативно за можна употреба на нуклеарно оружје, туку само со навестување одговоривме на изјавите на лидерите на западните земји“, рече Путин.
Тој посочи дека Русија има воена доктрина, во која, како што наведе, пишува во кои случаи, од која причина, во врска со што и на кој начин Русија смета дека е можна употреба на оружје за масовно уништување во форма на нуклеарно оружје, имено заштита на суверенитетот, територијалниот интегритет и обезбедување на безбедноста на рускиот народ.
Путин оцени дека Русија не доведе до сегашната ситуација и развој на настаните во Украина, туку Западот.
„Дали таму извршивме државен удар што доведе до низа трагични настани, вклучувајќи ја и нашата специјална воена операција“, праша Путин, говорејќи на форумот „Валдеј“.
Тој додаде дека проширувањето на НАТО е неприфатливо за Русија и дека се игнорирани сите обиди на Москва да им го претстави тој став.
Тој оцени дека беше неопходно да се започне специјална воена операција во Украина, бидејќи, како што тврди, Киев се подготвувал за нови воени операции и не престанал да го гранатира Донбас.
Рускиот претседател го нарече „дрско“ отвореното признание на Западот дека го финансирале државниот удар во Украина во 2014 година.
Тој оцени и дека самопрогласената Народна Република Донбас нема да опстане без приклучување кон Русија.