20 април, 2024
ПочетнаКОМПАНИИКоментар за тековните случувања

Коментар за тековните случувања

Портфолио менаџерите во Генерали Инвестментс составија резиме за тековните случувања кои влијаат врз пазарот на капитал и актуелни совети за инвеститорите.

Објавувањето на кварталните резултати и навестувањата од американските централни банкари обезбедија закрепнување

На Волстрит изминативе денови преовладуваа позитивни вести кои инвеститорите ги пречекаа со раширени раце и почнаа да купуваат акции по релативно ниска вредност. И покрај фактот што бараните приноси на американските државни обврзници достигнаа нови рекордни нивоа, најследените американски берзански индекси минатата недела добија околу 5%. Причините за оптимизам на берзите потекнуваат од навестувањата на некои американски централни банкари дека понатамошното зголемување на каматните стапки со сегашното темпо може да се покаже како претерано.

Поради повисоките каматни стапки и инфлацијата кои би можеле да доведат до рецесија, објавувањето на резултатите од компаниите се под лупа оваа година. Се чини дека и резултатите на американските акционерски компании беа поотпорни на променливото економско опкружување отколку што беше предвидено во третиот квартал. Изгледите за идните периоди засега ветуваат. Без енергетскиот сектор, просечната заработка по акција во САД се очекува да порасне за 0,5% оваа година и дури 9,7% следната година. Имајќи предвид дека ќе биде тешко да се избегне рецесијата, прогнозата изгледа премногу оптимистичка – просечниот пад на профитот од компаниите во рамките на S&P 500 за време на рецесиите по Втората светска војна беше 26,5%. Инвеститорите исто така се свесни за ова, бидејќи рецесијата е факторизирана во цените на акциите многу повеќе отколку корпоративните прогнози.

По првите две недели од сезоната на објави, вреди да се истакнат резултатите на најголемите американски банки, кои покажаа дека потрошувачката останува солидна, а доцнењето во отплатата на долгови е мала. Резултатите на Netflix, United Airlines и Procter&Gamble, кои ги надминаа прогнозите на аналитичарите, потврдија дека потрошувачите се уште се во релативно добра состојба со оглед на околностите.

Сунак е новиот премиер на Велика Британија, по 49 дневниот мандат на Трас

Политичката сага во Велика Британија минатата недела доби ново поглавје. Расколот во Конзервативната партија по неуспешната даночна реформа што ја потресе британската економија беше преголем. Трас поднесе оставка по бурните 45 дена мандат, станувајќи премиер со најкраток стаж на Британија. Откако екс-премиерот Борис Џонсон се збогуваше со борбата за позиција на чело на конзервативната партија, нов премиер ќе биде Риши Сунак. Ова го зајакна оптимизмот кај инвеститорите на британскиот пазар на капитал, бидејќи се очекува Сунак да ги поддржи многу поодржливите фискални планови на новиот министер за финансии Хант. Бараниот принос на 10-годишната британска државна обврзница падна на 3,85% (беше 4,5% во екот на политичките превирања).

Кинеските акции паднаа по Конгресот на Комунистичката партија

Во Кина заврши Конгресот на Комунистичката партија. Познавачите на тамошната политичка ситуација наведуваат некои изненадувања во составот на новиот Централен комитет и Политбирото. Јасно е дека претседателот Кси Џинпинг дополнително ја зацврсти својата позиција како што се очекуваше. Светската јавност беше особено вознемирена од инцидентот на церемонијата на затворање, кога поранешниот претседател Ху Џинтао, кој важи за поголем либерал од Кси, мораше да ја напушти салата против своја волја. Кинеската новинска агенција ја наведе лошата здравствена состојба на 79-годишникот како официјална причина, но претпоставката дека Кси ја покажал својата политичка сила со овој потег или отстапување од поотворена и колективна политика што ја водел Џинтао помеѓу 2003 и 2013 година, изгледа исто толку веројатна. Кинеското биро за статистика со задоцнување ги објави податоците за економската активност во третиот квартал, БДП порасна за 3,9% на годишна основа. Економскиот раст заостанува зад растот во претходните години и целта од 5,5%, и покрај истрајноста на строгите мерки за спречување на коронавирусот (тие очигледно остануваат на сила и по партискиот конгрес) и кризата во секторот на недвижности. Посебно ќе се забележи значителното намалување на растот на извозот. Голем проблем е континуираниот пад на вредноста на азиските валути во споредба со доларот. Јапонија тврдоглаво инсистира на својата политика на многу ниски каматни стапки. Како резултат на тоа јенот веќе изгуби 30% во однос на доларот оваа година, а тоа ги принудува и другите азиски централни банки да ја намалат вредноста на нивните валути, вклучувајќи ја и кинеската. Така се одржува извозот, но поради се поскапиот увоз, особено на суровини, трговските дефицити растат и системот станува неодржлив.

СОВЕТИ ЗА ИНВЕСТИТОРИТЕ:

Веќе долго време советите останаа непроменети. Се наоѓаме во период на голема неизвесност во глобалната економија, кога условите се влошуваат. Историјата нè учи дека атрактивноста на инвестирањето се зголемува, но малкумина инвеститори имаат сила да го издржат овој пад на цените и за жал повеќето од нив ја пропуштаат точката на враќање и повторно се враќаат на пазарите кога цените се веќе многу повисоки. Комбинација од акциски фондови како што се Генерали Топ Брендови, Генерали БРИК или Генерали НОВА ЕУ и паричен фонд – Генерали Кеш Депозит, треба да бидат основа на портфолиото во вакво опкружување.  Причините се едноставни, а диверзификацијата е клучен фактор за успешно долгорочно инвестирање. Централните банки остануваат најважниот играч на пазарите на капитал. Монетарната политика се заострува и речиси и да нема надеж за брзо намалување на стапката во 2023 година. Главната економска политика е борбата против инфлацијата, а рецесијата е неопходно зло што мора да го прифатиме. Ова и високата цена на енергијата значително ја намалуваат довербата на потрошувачите. Штедењата се силно под влијание на високата инфлација. Нагло успорување на економскиот раст и премин во стагфлација е многу веројатното сценарио. Историските податоци покажуваат дека од главните категории на инвестиции во услови на стагфлација, акциите имаат најдобри резултати, по нив следат недвижностите потоа обврзниците и на крај пари или депозит. Бидејќи централните банки и економските политики кои брзо се менуваат остануваат непредвидливи, потребата за диверзифицирано портфолио е голема. Технолошките акции имаат голема тежина во американските индекси, така што тука се можни брзи големи потези, но останува фактот дека успорувањето на економската активност во САД е значително помало и дека економската позиција на американската економија и компаниите е многу подобра од тие во Европа или од пазарите во развој. Бидете внимателни со кинеските акции, бидејќи конгресот не донесе пресврт, туку ја зголеми неизвесноста за тоа како ќе изгледаат следните 5 години во Кина.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП