18 април, 2024
ПочетнаКАРИЕРА„Ние сме тие што им даваме моќ“: Зошто луѓето се уште се...

„Ние сме тие што им даваме моќ“: Зошто луѓето се уште се држат до токсични шефови?

Доколку токсичниот менаџер е толку лош, зошто неговите вработени сè уште се држат до него? Тоа е поврзано со начинот на кој функционира вашиот ум, вели Роналд Риџо, професор по лидерска и организациска психологија на колеџот Клермонт Мекена.

Риџо помина речиси три децении истражувајќи и учејќи на оваа тема. Тој вели дека многу од лошите менаџери не се способни да водат, затоа што често се нарцисоидни, навистина не се грижат за своите вработени и ќе направат се за да добијат најдобри резултати – дури и на сметка на другите или уште полошо, на сметка на моралот.

Сепак, многу од овие менаџери имаат многу луѓе кои работат за нив, кои ги сакаат и заземаат позиции на моќ, од бизнис па се до политика, вели Риџо.

Луѓето не можат секогаш да знаат дека ќе имаат токсичен менаџер кога одат на интервју за работа, но штом ќе влезат во компанија или организација од кој било вид, тие остануваат таму со месеци или дури со години – и тоа е само затоа што тие генерално имаат погрешна претстава за тоа како изгледа доброто лидерство или затоа што се обидуваат да извлечат лична корист од тој однос, вели Риџо.

„Често тоа се нашите сопствени човечки тенденции, ние сме тие што им даваме моќ“, изјави Риџо за CNBC.

Еве четири специфични причини зошто луѓето следат лоши лидери:

1. Луѓето ги мешаат ароганцијата и нарцизмот со силата

Силата и самодовербата можат да бидат важни лидерски особини. Но, луѓето понекогаш ги мешаат ароганцијата и нарцизмот со силата, вели Риџо.

Студијата од 2011 година на Универзитетот во Амстердам, вклучуваше групи учесници кои по случаен избор им беа доделени лидери, секој тим извршуваше групна задача, а потоа секој тим беше замолен да го оцени својот лидер. Учесниците ги оценија најнарцисоидните лидери како најефективни, дури и ако тие лидери всушност ја инхибираат комуникацијата и им наштетуваат на перформансите на нивната група.

Нарцизмот на лошиот шеф ги убедува дека секогаш се во право, па одбиваат помош од другите и не учат од своите грешки, вели Риџо.

„Ние сме привлечени од овие луѓе кои изгледаат компетентни – како да можат да преземат одговорност и да водат во лидерска улога. Но, тие често се нарциси и работите можат да излезат од контрола во тој случај“, објаснува тој.

2. Луѓето запаѓаат во „когнитивна мрзеливост“

Ако некогаш сте имале лош шеф, сигурно сте помислиле во себе:

„Не сакам да се обидувам да сфатам како да се справам со оваа ситуација. Звучи исцрпувачки“.

Наместо тоа, наоѓате начини да се убедите себеси дека вашиот шеф е навистина добар. Риџо тоа чувство го нарекува „когнитивна мрзеливост“.

„Ние стануваме мрзеливи и некако ги прифаќаме работите онакви какви што се“, вели тој.

Кога токсичниот шеф ќе направи нешто погрешно, луѓето често им даваат „пропусница“ наместо да бараат одговорност, затоа што мислат дека шефот и онака е над правилата. Тоа ќе му овозможи на лошиот шеф да се вклучи во уште полошо однесување без последици.

Луѓето, исто така, имаат тенденција да им веруваат на другите како нив самите, забележува Риџо. Ако се чини дека вашите соработници го поддржуваат вашиот лош шеф, може да се чувствувате принудени да го следите стадото наместо да заземете став, а вашиот шеф може да остане на позиција без никаков предизвик.

3. Луѓето ги поистоветуваат добрите резултати со доброто лидерство

За вас, вашиот шеф може да биде токсичен шеф. За некој друг, тој е некој што носи добри резултати, како што е зголемување на профитот или успешен договор.

„За овие лидери целите ги оправдуваат средствата. Ако изгледаат ефикасни, луѓето едноставно не прашуваат како стигнале таму“, вели Риџо.

Лошите шефови може да изгледаат ефикасни во постигнувањето добри резултати, но тоа често вклучува „колатерална штета“, како што е создавање токсично работно место, со лошо постапување со вработените или носење неетички одлуки, вели Риџо.

Истражувањето на Друштвото за управување со човечки ресурси, покажува како токсичното работно место на крајот може да има негативно влијание врз крајната линија, особено со оглед на трошоците за флуктуација на вработените кои заминуваат поради токсичен шеф.

4. Луѓето уживаат во моќта на здружување

Шефовите често имаат моќ во една компанија или група. Риџо вели дека некои луѓе ги поддржуваат најлошите карактеристики на менаџерот со надеж дека ќе бидат наградени за лојалноста, како што е унапредување или зголемување на платата.

„Лошиот лидер привлекува приврзани луѓе околу себе затоа што сакаат да бидат поврзани со моќна личност“, објаснува тој.

Затоа секој треба да научи да ги препознава овие психолошки тенденции, но и како изгледа добар шеф: некој што постигнува резултати додека ја ограничува колатералната штета, покажува вистинска грижа за своите вработени и прифаќа помош и повратни информации од другите.

„Добрите лидери го оставаат тимот во подобра состојба отколку што го нашле.“

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП