25 април, 2024
ПочетнаКОМПАНИИГенерали Инвестментс: Кризата на британскиот пазар на државни обврзници стивна

Генерали Инвестментс: Кризата на британскиот пазар на државни обврзници стивна

Портфолио менаџерите во Генерали Инвестментс составија резиме за тековните случувања кои влијаат врз пазарот на капитал и актуелни совети за инвеститорите.

S&P 500 накратко падна под границата од 3.500 поени

Инфлацијата во САД за септември, мерена со индексот CPI, благо падна трет месец по ред – цените се повисоки за 8,2% во споредба со ланскиот септември, а јулскиот врв на инфлација достигна 9,1%. На прв поглед ова е охрабрувачки тренд, но сликата ја нарушуваат цените на енергетските производи кои во септември беа пониски отколку во летниот шпиц. Помалку охрабрувачки се бројките за базичната инфлација, која во мерењето не ги вклучува цените на горивата и храната. Базичната инфлација во септември во САД изнесуваше 6,6%, највисока од 1982 година. Првичните реакции на финансиските пазари беа очекувани по објавата на податоците во четвртокот минатата недела. Цените на акциите и обврзниците паднаа, индексот S&P падна дури под 3.500 поени, што беше новата најниска вредност оваа година. Но, истиот ден следеше ненадеен пресврт каде се покажа како алгоритмите за тргување, кои веќе претставуваат меѓу 60% и 75% од вкупното тргување на берзите, ја зголемуваат нестабилноста во време на непредвидливи пазарни услови. Опсегот помеѓу највисоката и најниската вредност постигната во четвртокот од главните индекси беше повеќе од 5%, за технолошкиот Nasdaq тоа беше дури четврти најголем дневен пресврт во историјата. Двата американски индекси го затворија денот со повеќе од 2% во зелено. Во петокот повторно преовладуваше црвената боја, главните американски индекси благо паднаа на неделно ниво.
Американските банки ја отворија сезоната за објавување на кварталните резултати

Сепак, имаме и позитивни сигнали од минатата недела. Со оглед на негативното изненадување со инфлацијата, падот на берзите беше поумерен отколку што можеше да се очекува, но сепак, големите амплитуди во дневното тргување и наизменичниот значителен раст и пад на девизните курсеви во кратки временски периоди често ги означуваат подоцнежните периоди на надолен тренд. И почетокот на сезоната за објавување на кварталните резултати на компаниите помина без поголеми потреси – традиционално први објавија американските банки кои значително ги зголемија приходите од камати поради повисоките каматни стапки, додека приходите од инвестициско банкарство се намалија. Зголемувањето на резервите за кредитни загуби сугерира дека банките очекуваат повеќе лоши заеми во наредните квартали, но поради строгите регулаторни мерки по финансиската криза од 2008 година, адекватноста на капиталот на повеќето системски важни банки е добра, така што не се очекуваат шокови во стилот на Lehman Brothers.

Кризата на британскиот пазар на државни обврзници стивна

Минатата недела, европските акции беа подобри од американските и покрај навестувањето на гувернерот на ЕЦБ, Lagard дека веројатно ќе треба да се зголемат каматните стапки следната година. Позитивно изненадување беа најновите податоци за индустриското производство во еврозоната, кое растеше и месечно и на годишно ниво во август, но податоците во голема мера се разликуваат помеѓу поединечни земји-членки.
Британската премиерка Liz Truss го разреши министерот за финансии Kwarteng само по 38 дена од неговото назначување. Одлуката е донесена во светло на превирањата на финансиските пазари кои следеа по објавувањето на планот за намалување на даноците. Планот ќе ја чини земјата околу 45 милијарди фунти годишно и според инвеститорите, ќе ги доведе во сериозен ризик јавните финансии на Британија. Ова доведе до масовна распродажба на државните обврзници и пад на вредноста на фунтата. Банката на Англија потоа интервенираше со програма за купување државни обврзници, а владата го повлече контроверзниот план. Ситуацијата на пазарите се смири, но Kwarteng како главен виновник за неуспешната програма, грешката ја плати со својата позиција. Новиот министер за финансии, Jeremy Hunt, во своите воведни говори ја истакна економската стабилност како приоритет, а новата даночна реформа ќе биде значително поконзервативна.

Номиналните приноси на обврзниците стануваат поатрактивни

Бараниот принос на 10-годишната американска обврзница се искачи над 4% за прв пат од 2008 година по објавувањето на податоците за инфлацијата. Растат и бараните приноси на европските државни обврзници. Затоа, номиналните приноси на обврзниците стануваат поатрактивни по долги години ниски, често дури и негативни каматни стапки. Дали купувањето обврзници е добра инвестиција во голема мера ќе зависи од движењето на инфлацијата. Доколку не се намали, реалниот принос на државните обврзници (земајќи ја предвид инфлацијата) ќе остане негативен и со тоа помалку атрактивен за инвеститорите.

СОВЕТИ ЗА ИНВЕСТИТОРИТЕ:

Веќе долго време советите останаа непроменети. Се наоѓаме во период на голема неизвесност во глобалната економија, кога условите се влошуваат. Историјата нè учи дека атрактивноста на инвестирањето се зголемува, но малкумина инвеститори имаат сила да го издржат овој пад на цените и за жал повеќето од нив ја пропуштаат точката на враќање и повторно се враќаат на пазарите кога цените се веќе многу повисоки. Комбинација од акциски фондови како што се Генерали Топ Брендови, Генерали БРИК или Генерали НОВА ЕУ и паричен фонд – Генерали Кеш Депозит, треба да бидат основа на портфолиото во вакво опкружување. Причините се едноставни, а диверзификацијата е клучен фактор за успешно долгорочно инвестирање. Централните банки остануваат најважниот играч на пазарите на капитал. Монетарната политика се заострува и речиси и да нема надеж за брзо намалување на стапката во 2023 година. Главната економска политика е борбата против инфлацијата, а рецесијата е неопходно зло што мора да го прифатиме. Ова и високата цена на енергијата значително ја намалуваат довербата на потрошувачите. Штедењата се силно под влијание на високата инфлација. Нагло успорување на економскиот раст и премин во стагфлација е многу веројатното сценарио. Историските податоци покажуваат дека од главните категории на инвестиции во услови на стагфлација, акциите имаат најдобри резултати, по нив следат недвижностите потоа обврзниците и на крај пари или депозит. Бидејќи централните банки и економските политики кои брзо се менуваат остануваат непредвидливи, потребата за диверзифицирано портфолио е голема. Технолошките акции имаат голема тежина во американските индекси, така што тука се можни брзи големи потези, но останува фактот дека успорувањето на економската активност во САД е значително помало и дека економската позиција на американската економија и компаниите е многу подобра од тие во Европа или од пазарите во развој.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП