Народната банка, на својата веб-страница, меѓу податоците и показателите за банкарскиот систем на Република Северна Македонија, почна да објавува и квартални податоци за кредитите за зелено финансирање одобрени на домаќинствата и нефинансиските друштва. Објавувањето на овие податоци е една од активностите на Народната банка со која придонесува за создавање „зелена“ и одржлива економија.
Народната банка досега презеде повеќе активности за зголемување на свесноста за последиците од климатските промени и за сѐ позастапена „зелена“ компонента во финансиите во македонската економија. Таканаречените „зелени кредити“ се наменети за унапредување на енергетската ефикасност на домаќинствата и на приватниот сектор, за инвестирање во зелени технологии, материјали и решенија и за инвестирање во обновливи извори на енергија, контрола и спречување на загадувањето, заштита на животната средина, како и намалување на ризиците од климатските промени. На почетокот на 2022 година, Народната банка спроведе Анкета за ризиците од климатските промени според која 40% од домашните банки и штедилници имаат воведено производи и услуги како реакција на климатските промени, додека 80% од испитаниците одговориле дека размислуваат за воведување нови производи и услуги како реакција на климатските промени.

