17 јуни, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАСпор поради нафтата: Бајден нема намера да се сретне со Бин Салман

Спор поради нафтата: Бајден нема намера да се сретне со Бин Салман

Американскиот претседател Џо Бајден нема намера да се сретне со саудискиот престолонаследник Мохамед бин Салман на самитот на Г-20 следниот месец во Индонезија, потврди советникот за безбедност на Белата куќа Џејк Саливан.

Бајден ќе ги „преиспита“ односите со Саудиска Арабија по намалувањето на квотите за производство на нафта на земјите-членки на групата ОПЕК +, што е во корист на Русија, но „тој нема да дејствува набрзина“, додаде Саливан за Си-Ен-Ен.

Односите меѓу САД и Саудиска Арабија се на тенок мраз поради одлуката за намалување на производството на нафта.

Минатата недела, нафтениот картел ОПЕК, предводен од Саудиска Арабија и група од десет други производители на нафта, предводени од Русија, се согласија да го намалат глобалното производство за два милиони барели дневно, почнувајќи од ноември.

Одлуката се очекува да предизвика пораст на цената на нафтата, што ќе и помогне на Русија да ја финансира војната во Украина.

Американско предупредување

Министерот за одбрана на Саудиска Арабија е „згрозен“ од обвинувањата дека кралството „стои со Русија во војната со Украина“.

Принцот Калид бин Салман рече дека одлуката на ОПЕК+ е донесена едногласно и од чисто економски причини.

Бајден ја предупреди Саудиска Арабија дека ќе се соочи со „последици“ доколку застане на страната на Русија во поддршката за намалување на производството на нафта. Потегот на ОПЕК+ ги поткопува плановите на Западот да воведе ограничување на цената на руската нафта како одговор на инвазијата на Украина.

Вашингтон верува дека производителите од Заливот застанале на страната на Русија на штета на САД и нивните западни сојузници. Од друга страна, Русија ја поздрави одлуката за намалување на производството.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП