8 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАЌебињата алтернатива на радијаторите - попладне ќе има парно кога температурата во...

Ќебињата алтернатива на радијаторите – попладне ќе има парно кога температурата во 18 часот ќе биде под 12 степени

Ќебињата ќе ги спасуваат граѓаните кои се греат на парно додека не падне температура под 12 степени во 18 часот – Помошничката на директорот на ЕСМ за производство, Александра Маројевиќ денеска пред медиумите кажа дека тоа е условот за парно да има во попладневните часови. До тогаш, парно ќе има само наутро, кога температурите се ниски.

Според неа, прават се за да се санираат сите дефекти и дистрибуцијата на парно да биде непречена. Денеска на ладни радијатори се пожалиле жители на 77 згради, а вчера бројката на станбени објекти кои немаа парно греење изнесуваше 85. Системот пак, по кој се проценува дали парното ќе биде дистрибуирано или не, постои од 1965 година, а Маројевиќ вели, тој се надградувал во текот на годините.

Но, корисниците на централното греење ќе имаат и нова обврска. Од утре треба да одат на пунктовите на ЕСМ и да потпишуваат нови договори, сега со „ЕСМ Снабдување“, кое стопанисува со топланите.

„Корисниците на централното греење на нашиот систем од утре се повикуваат да се обратат до пунктовите кои се на исто место за да почне регулирањето на нашите односи со потпишување договори за снабдување со топлинска енергија, како и сите други барања кои произлегуваат од оваа услуга“, рече Маројевиќ.

Она на што се пожалија граѓаните – млаки радијатори, според помошничката на директорот на ЕСМ, не значи дефект, туку дистрибуција на парно согласно температурите.

За природниот гас кој е набавен за овие две недели, Маројевиќ вели дека се купувал според температурите во наредните денови, а со тоа и предвиделе дали радијаторите ќе бидат топли, млаки или ладни радијаторите. Она што е дистрибуирано до становите пак, ќе биде наплатено, а секое дополнително пуштање на парно греење, ќе значело и дополнителен трошок за скопјани.

Алтернативното гориво – дизелот, се уште не е набавен. Ќе се набавува само ако на светските берзи снема природен гас. Како втора опција, до набавката на дизел гориво, од ЕСМ ги гледаат државните резерви, во кои дизел во моментов има 105 милиони килограми.

Опозицијата пак, во немањето парно кај дел од скопските домаќинства гледа неподготвеност кај власта. Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски обвини дека власта работи за лични интереси и преку тендери договорени во четири очи.

А.Т

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП