26 април, 2025
ПочетнаЕКОНОМИЈАИ покрај санкциите, Русија годинава бележи поголем извоз на нафта

И покрај санкциите, Русија годинава бележи поголем извоз на нафта

Оваа година Русија очекува осум отсто зголемување на извозот на нафта и благ пораст на производството, додека производството на гас може да се намали до 10 отсто, изјави во петокот министерот за енергетика Александар Новак.

И покрај војната во Украина и санкциите од западните земји кои сакаат да ја намалат зависноста од руската нафта, Москва очекува нејзиниот извоз на нафта да се зголеми оваа година, потпомогнат од промената на испораките на нови пазари.

„Нашите нафтени компании успеаја да се преориентираат на нови пазари и да отворат нови логистички врски, а исто така најдоа и нови механизми за плаќање, вклучително и транзиција кон националните валути“, изјави рускиот вицепремиер и министер за енергетика.

„Извозот ќе биде поголем за околу осум проценти“, рече Новак.

Тој додава дека Русија го префрлила фокусот на продажбата на нафта од Европа кон азиско-пацифичкиот регион, но и кон Африка и Латинска Америка.

Годинава министерот очекува благ пораст на производството на нафта во однос на претходната година, без да прецизира бројки.

Производството на гас годинава ќе се намали за околу 10 отсто, додаде Новак, според извештајот на руската новинска агенција ТАСС.

„Ќе биде пониско од лани. Нема да ја наведам точната бројка, но ако извозот биде како што е сега, тој би можел да се намали до 10 проценти во целина“, рече Новак на Руската енергетска недела.

Според податоците на руската статистичка агенција, производството на гас е намалено од јануари до август за 10,4 отсто, на 389 милијарди кубни метри, јави ТАСС.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП