АВТОБИЗ

Пневматик што издржува 500.000 km? Можно ли е? (ВИДЕО)

Замислете некој да ве ослободи од грижите за гумите. Ги купувате заедно со возилото и заборавете на нив.

Сега постои гума развиена за електрични автомобили која треба да издржи до половина милион километри.

Тоа е концептната гума „Eagle GO“ од „Goodyear“, која дебитира на електричниот концепт автомобил „Oli“ на „Citroen“.

„Eagle GO“ е третата концептна гума на „Goodyear“ развиена во соработка со „Citroen“. Гумата е создадена со цел да се комбинира ниската потрошувачка со издржливоста и удобноста за електричните автомобили.

Шарата користи соединение направено речиси целосно од одржливи или рециклирани материјали и треба да може да издржи 500.000 километри.

Според „Goodyear“, смесата содржи сончогледово масло, борови смоли, природна гума и силициум диоксид од пепел од лушпа од ориз. Сончогледовите масла и боровите смоли ги заменуваат маслата добиени од нафта.

Целта поставена од „Goodyear“ е постепено елиминирање на маслата добиени од нафта во производството на гуми до 2040-та година.

Концептната гума вклучува и технологија „Goodyear Sight Line“, чиј сензор следи широк опсег на параметри на гумите.

Оваа технологија веќе се користи за поддршка на возачите и компаниите за лизинг. Трајното проверување на идеалниот воздушен притисок и состојбата на гумите го продолжува нивниот век на траење и ја намалува потрошувачката на гориво.