20 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАЕК: Народната банка презема соодветни мерки за справување со ценовните притисоци

ЕК: Народната банка презема соодветни мерки за справување со ценовните притисоци

Монетарната политика којашто ја води Народната банка е соодветна на тековните услови и предизвици. Преку постепено зголемување на каматните стапки, Народната банка придонесува за стабилизирање на инфлациските очекувања, водејќи сметка да нема значителни ефекти врз економскиот раст и да се намали негативното влијание од здравствената и енергетската криза. Ова го заклучи Европската комисија во Годишниот извештај за напредокот на земјава.

Исто така, во Извештајот на ЕК се дадени позитивни оцени за монетарната политика којашто ја води Народната банка. Притоа се вели: „За време на корона-кризата, Народната банка успеа да ја одржи финансиската стабилност, да овозможи простор за значителна кредитна поддршка за граѓаните и компаниите, додека по почетокот на ценовните притисоци, таа презема соодветни мерки и политики за да може соодветно одговори на нив“.

ЕК позитивно го оценува и напредокот во зајакнувањето на институционалната рамка за одржување на финансиската стабилност, преку новодонесениот Закон за финансиска стабилност. Воедно, за важен чекор се смета и регулативата донесена од страна на централната банка, преку којашто се олеснува продажбата на нефункционалните пласмани. Ова е особено значајно и ако се имаат предвид сè поголемите ризици во економијата поради војната во Украина, што може да предизвика и одредено зголемување на нефункционалните пласмани. Во овој контекст, и донесената одлука на Народната банка за зголемување на контрацикличниот заштитен слој на капиталот се оценува како соодветна.

Имајќи предвид дека Народната банка е дел од националниот статистички систем, во Извештајот се наведува и дека централната банка и натаму доследно се придржува до Кодексот за работа на европската статистика.

Целосниот извештај на Европската комисија, во којшто на годишна основа детално се оценуваат политиките и напредокот во реформите на секоја земја кандидатка или потенцијална кандидатка за членство во Европската Унија, е достапен на следнава врска: https://neighbourhood-enlargement.ec.europa.eu/north-macedonia-report-2022_en.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП