18 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАСВЕТСтолтенберг: НАТО ќе ја поддржува Украина се додека е потребно

Столтенберг: НАТО ќе ја поддржува Украина се додека е потребно

Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг денеска на прес-конференција во Брисел изјави дека НАТО ќе биде со Украина „колку што е потребно“.

Столтенберг нагласи дека НАТО „не е страна во конфликтот“, но дека поддршката на Алијансата „игра клучна улога“ во помагањето на Украина да се одбрани и да ја ослободи својата територија, во услови на „страшни и неселективни напади од Русија врз цивили и критична инфраструктура“, објавено е на веб-страницата НАТО.

Тој ги поздрави „неодамнешните најави на сојузниците за обезбедување понапредни системи за противвоздушна одбрана и други капацитети“ и рече дека „се радува на понатамошни испораки на оружје“.

Столтенберг разговараше со новинарите еден ден пред почетокот на дводневниот состанок на министрите за одбрана на членките на НАТО, на кој ќе се собере Контакт групата за одбрана на Украина, предводена од Соединетите Американски Држави.

На состанокот на Контакт групата, украинскиот министер за одбрана Алексеј Резников ќе ги информира сојузничките министри за најновите случувања на теренот и за итните потреби на Украина за зимата.

Столтенберг во четврток ќе претседава со состанокот на Групата за нуклеарно планирање, на кој ќе се разговара за опасната нуклеарна реторика на Русија и улогата на нуклеарните капацитети на НАТО во зачувувањето на мирот и одвраќањето на агресијата, се вели во соопштението.

Министрите за одбрана на членките на НАТО ќе договорат мерки за понатамошно зајакнување на одвраќањето и одбраната на НАТО, зголемување на резервите на муниција и опрема, обезбедување индустриски капацитет за зголемување на производството преку процесот на планирање на одбраната на НАТО и зголемување на отпорноста и заштитата на критичната инфраструктура.

Како што најави Столтенберг, ќе разговараат за мисиите и операциите на НАТО од Косово до Ирак.

„Ни претстои тешка зима. Затоа е уште поважно Северна Америка и Европа да продолжат да стојат обединети во поддршката на Украина и одбраната на нашиот народ“, заклучи Столтенберг.

Следната недела НАТО ќе ја одржи долго планираната вежба за одвраќање Steadfast Noon, која Столтенберг ја опишува како „рутинска обука, која се случува секоја година за да го направи нашето одвраќање безбедно, сигурно и ефективно“.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП