19 април, 2025
ПочетнаЕКОНОМИЈАТројца Американци добитници на Нобеловата награда за економија

Тројца Американци добитници на Нобеловата награда за економија

Тројца американски економисти – Бен Бернанке, Даглас Дајмонд и Филип Дибвиг се добитници на овогодинешната Нобелова награда за економија „за истражување на банките и финансиските кризи“, објави Шведската кралска академија на науките, пренесува Танјуг.

Како што наведе Нобеловиот комитет, истражувањето на овогодинешните лауреати по економија го намалува ризикот од финансиски кризи кои се развиваат во долгорочни депресии со сериозни последици за општеството, што е од најголемо значење за сите нас.

Во соопштението се вели дека работата за која беа наградени Бернанке, Дајмонд и Дибвиг е клучна за последователно истражување кое го унапреди нашето разбирање за банките, банкарските регулативи, банкарските кризи и како може да се решат финансиските кризи.

„Користејќи историски извори и статистички методи, анализата на Бернанке покажа кои фактори се важни за падот на бруто домашниот производ. Тој откри дека факторите директно поврзани со колапсот на банките придонеле за лавовски дел од падот“, се наведува.

Се додава дека Бернанке ја анализирал Големата депресија од 1930-тите, најлошата економска криза во модерната историја. Тој, меѓу другото, покажа и како банкротот на банките бил од пресудна важност за тоа што кризата станала толку длабока и траела толку долго.

Дајмонд, исто така, покажа како банките играат важна социјална улога. Како посредници меѓу штедачите и позајмувачите, тие се посоодветни да ја проценат кредитната способност на позајмувачите и да осигураат дека заемите се добро инвестирани, образложи Нобеловиот комитет.

„Дајмонд и Дибвиг претставија решение за ранливоста на банките, во форма на осигурување на депозитите од страна на владата. Кога инвеститорите знаат дека државата им ги гарантира парите, веќе нема потреба да трчаат во банка веднаш штом почнат гласините за банкрот“, се вели во извештајот.

Се додава дека двајцата развиле теоретски модели кои објаснуваат зошто постојат банките, како нивната улога во општеството ги прави ранливи на гласините за нивната евентуална смрт и како општеството може да ја намали оваа ранливост.

Наградата, формално позната како Sveriges Riksbank Prize for Economic Sciences во спомен на Алфред Нобел, е последна од овогодинешните Нобелови награди, а добитниците делат сума од десет милиони шведски круни.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП