28 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАЦените на нафтата скокнаа за повеќе од 10 отсто: Се вративме на...

Цените на нафтата скокнаа за повеќе од 10 отсто: Се вративме на нивото од 100 долари

На светските берзи цените на нафтата скокнаа за повеќе од 10 отсто минатата недела и достигнаа највисоки нивоа во последните пет недели, бидејќи ОПЕК и неговите партнери од картелот најавија значително намалување на производството на „црното злато“ од ноември.

Цената на барелот на лондонскиот пазар минатата недела скокна за 11,3 отсто, на 97,92 долари, додека на американскиот пазар барелот порасна за 16,5 отсто, на 92,64 долари.

Остриот скок на цената на нафтата е последица на одлуката на Организацијата на земјите извознички на нафта (ОПЕК) и нејзините сојузници, вклучително и Русија, да го намалат производството за два милиони барели дневно од ноември.

Неколку членки на ОПЕК имаат потешкотии да ги исполнат договорените производствени квоти поради недоволни инвестиции или санкции, а групата во август заостануваше околу 3,6 милиони барели дневно зад целното производство.

Снабдувањето всушност ќе се намали за 1 милион до 1,1 милион барели дневно, со учество на Саудиска Арабија од 500.000 барели дневно, рече саудискиот министер за енергетика Абдулазиз бин Салман.

Само еден месец подоцна, Европската унија ќе воведе ембарго на руската нафта испорачана од бродови, со што ќе се намали понудата на и онака тесниот пазар.

„Една од клучните последици од последното намалување (производството) на ОПЕК веројатно ќе биде враќањето на цената на нафтата на ниво од 100 долари. Сепак, растот на цените најверојатно ќе биде ограничен од сè понеповолните трендови во економијата“, рече Стивен Бренок од PVM.

Најавата на ОПЕК за намалување на производството досега ги надмина стравувањата на трговците од можна рецесија и падот на побарувачката за нафта.

Имено, поради високата инфлација, централните банки на западните земји во последните месеци ги зголемуваат каматните стапки, а тоа ќе го забави растот на економиите, а се зголемуваат и ризиците од рецесија.

Се очекува дека на следните седници американската ФЕД и Европската централна банка повторно ќе ги зголемат клучните каматни стапки за агресивни 0,75 процентни поени.

Благодарение на растот во изминатите две недели, цените на нафтата се оддалечија од најниските нивоа од јануари. Сепак, тие се уште се далеку пониски отколку во март, во почетната фаза од руската инвазија на Украина, кога се приближија до 147 долари, највисоко ниво откако почнаа да се тргуваат со фјучерси за нафта.

„Бидејќи цената на барелот во Лондон сега се стабилизираше во опсегот од 90 до 100 долари, ОПЕК веројатно ќе биде задоволен од исходот, и покрај сè уште многу неизвесните изгледи за економијата“, рече Крег Ерлам од компанијата ОАНДА. Откако минатата година цените на нафтата скокнаа за повеќе од 50 отсто, благодарение на закрепнувањето на економиите од корона кризата, од почетокот на оваа година пораснаа за околу 25 отсто, што најмногу е последица на војната во Украина.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП