Премиерот Димитар Ковачевски, во одговор на новинарско прашање за растот на цените на храната и производите истакна дека Владата веќе разговара и прави анализи за поддршка на производствените компании на основни производи кои ги користат граѓаните со таргетирани мерки.
Премиерот посочи дека со министерот за економија, министерот за финансии и со ММФ во моментот се разговара за таргетирани мерки во однос на индустриите кои што произведуваат основни прехранбени производи и поврзани производи со основните производи кои што ги користат граѓаните. Целта на овие мерки е да се интервенира како помош во енергенсите и електричната енергија која што тие ја користат, но само под услов доколку дојде до намалување на цената на овие основни производи кои што излегуваат од нивото производство.
„За таа цел и вчера и денес со министерот за економија работевме, разговаравме и со производителите, разговаравме и со претседателот на Стопанската комора и се надевам дека во наредните недела, две недели ќе можеме да дојдеме до решение кое што ќе биде прифатливо за производителите кое што ќе овозможи субвенционирање на енергенсите за нив, меѓутоа и кое што ќе овозможи намалување на цената или пак не зголемување понатамошнa на цената на основните прехранбени производи. Значи и на тоа се работи, меѓутоа мора сите да разбереме дека влезните импути во производствениот процес се зголемени над 70% на светските берзи, а житото, пченицата и пченката се берзански производи“, рече Ковачевски.
Премиерот рече дека цените на житото и на енергенсите кои се берзански производи се зголемени во цел свет и дека инфлацијата кај нас потекнува целосно од истите фактори од кои потекнува инфлацијата во европските земји.
„Ние на почетокот пристапивме со замрзнување на цените меѓутоа замислите ако замрзнатите цена под трошоците на производството, тогаш веднаш ќе се јави недостаток на храна во државата, затоа гледаме дека секаде има зголемување на цените на храната во цела Европа па дури и во целиот свет, и оние кои што зборуваат за висината на инфлација во Република Северна Македонија, визави висината на инфлација во другите држави, ќе сфати од последните извештаи, дека се работи за комплетно иста инфлација која што потекнува од истите фактори на целиот европски континент“, рече Ковачевски.