Научниците Ален Аспект, Џон Клаузер и Антон Цајлингер ја добија Нобеловата награда за физика за 2022 година за нивниот пробив во квантната механика за однесувањето на субатомските честички.
Ова ја отвори вратата за работа на суперкомпјутери и на полето на шифрирана комуникација.
Наградата им беше доделена за „експериментите што ги изведоа со заплетени фотони, за утврдување на прекршување на Беловите нееднаквости и за пионерските достигнувања во квантната информатичка наука“, соопшти во вторникот наградното тело.
Кралската шведска академија на науките објави дека тројцата лауреати, францускиот научник Аспект, американскиот научник Клаузер и австрискиот научник Цајлингер, овозможиле продолжување на основните истражувања и го отвориле патот за нова практична технологија.
„Сега имаме големо поле на истражување кое вклучува квантни компјутери, квантни мрежи и безбедна квантно шифрирана комуникација“, се вели во соопштението.
Наградата, стара повеќе од еден век и вредна 10 милиони шведски круни, ја доделува Кралската шведска академија на науките.
Нобеловата награда за физика е втора што ја доделува Академијата оваа недела, откако шведскиот генетичар Сванте Паабо во понеделникот ја доби наградата за физиологија или медицина.
Нобеловата награда за физика често зазема централно место меѓу наградите, бидејќи ги наградува откритијата што го преобликуваа начинот на кој го гледаме светот, а досега е доделена на многу познати научници како Алберт Ајнштајн, Макс Планк и Пјер и Марија Кири.
Потоа следи доделувањето на Нобеловите награди за хемија, литература, мир и економија.