24 јуни, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАУнгарија постигна договор со Гаспром за одложување на исплатата на испораките на...

Унгарија постигна договор со Гаспром за одложување на исплатата на испораките на гас во текот на зимата

Унгарија денеска објави дека постигнала договор со Гаспром за одложување на плаќањата за испорака на гас во текот на зимата, потег што може да го намали притисокот врз растечкиот дефицит на тековната сметка на земјата и врз форинтата.

Трговскиот дефицит на Унгарија оваа година порасна под влијание на скокот на цените на енергенсите, зголемувајќи ја нејзината ранливост и слабеењето на форинтата, која денеска допре рекордно ниско ниво во однос на еврото, пренесува Ројтерс.

Државната енергетска групација МВМ се согласи со Гаспром да ги одложи плаќањата за набавка на гас доколку цените надминат одреден праг, дозволувајќи и на унгарската компанија да плаќа за гас во следните три години доколку цените скокнат.

„Се договоривме за одреден праг на цената и дека делот што го надминува тој праг не мора да го плаќаме сега, туку дека оди на одложено плаќање“, изјави за Ројтерс министерот за развој Мартон Наѓ.

Тој изјави дека договорениот ценовен праг е под сегашната пазарна цена, но не прецизираше колку изнесува.

Наѓ додаде дека договорот може да ја ублажи корелацијата помеѓу зголемената цена на гасот и форинтата, која слабее откако цената на синиот енергенс расте.

Цената на холандскиот гас за испорака во октомври, кој се смета за европски репер, денеска беше околу 173 евра за мегават-час (MWh).

Наѓ, исто така, рече дека според сегашната пазарна цена, договорот со Гаспром значи до една милијарда евра задоцнети плаќања за Унгарија. Под претпоставка дека цената ќе се искачи на ниво од 300 евра/MWh, одложените плаќања би можеле да изнесуваат од 3,5 до 4,5 милијарди евра.

Дополнително, наместо претходните пет дена, МВМ сега ќе има рок од 30 дена да ги откупи еврата потребни за плаќање на гасот на пазарот, што би можело да го намали притисокот врз фонтот на девизниот пазар.

Унгарската валута, која утринава падна на рекордно ниско ниво од над 425 форинти за евро, во тргувањето до 14:31 часот по средноевропско време закрепна на 421 форинти во однос на единствената валута од еврозоната.

Според 15-годишниот договор потпишан минатата година, Унгарија добива 3,5 милијарди кубни метри гас годишно преку Бугарија и Србија како дел од долгорочниот договор со Русија, а уште една милијарда кубни метри гас од Австрија.

МВМ најави дека ќе користи 800 милиони кубни метри гас од своите резерви, кои се во вредност од околу 1,5 милијарди евра по пазарни цени, за да ги помогне напорите на владата да ги намали сметките за енергија во домаќинствата.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП