Европската комисија, која ја надгледува антимонополската политика на Европската унија, денеска соопшти дека разговара со Германија за нејзиниот пакет енергетска поддршка, за кој критичарите велат дека ќе ја наруши пазарната конкуренција во блокот фаворизирајќи германски компании.
Пакетот од 200 милијарди евра (195,24 милијарди долари), наречен „одбранбен штит“, кој вклучува намалување на цената на гасот и намалување на даноците за продажба на гориво, е дизајниран да ги заштити бизнисите и домаќинствата од влијанието на зголемените цени на енергијата.
-Целосно сме посветени на зачувување на еднакви пазарни услови и единствен пазар и избегнување на штетната конкуренција за субвенции. Она што можам да го кажам е дека сме во контакт со германските власти за ова прашање – рече портпаролот на ЕК на прес-конференцијата на прашањето за германскиот пакет, без да наведе дополнителни детали, но напомена дека со властите на другите земји членки исто така се разговара, пренесува Ројтерс.
Комисијата, која ја контролира политиката на пазарна конкуренција во 27-члениот блок, ќе одлучи дали државната помош е легална или не, откако членовите ќе ја информираат за нивните планови.
Комесарот за внатрешен пазар на ЕУ, Тиери Бретон од Франција, одговори на германскиот план преку твит во петокот, велејќи дека ЕУ треба да биде внимателна за еднакви услови за игра, прашувајќи каков простор за маневрирање имаат другите членки на ЕУ.
Вредноста на германскиот пакет ги надминува издвојувањата на владите на другите земји од ЕУ. Мерките за поддршка и предизвикуваат главоболки на Европската централна банка во борбата против инфлацијата, која во септември достигна 10 проценти.
Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен во говорот во саботата рече дека Европската унија треба да најде заеднички одговор на кризата со енергетските трошоци.
– Без заедничко европско решение, сериозно ризикуваме фрагментација – рече таа.